.
ОПШТО ЗА ACQUIS
Покрај политичките и економските критериуми од Копенхаген, во процесот на членството на Република Северна Македонија кон Европската Унија, еден од клучните елементи е и обврската за хармонизирање на националното законодавство со правото на Европската Унија (acquis). Како предуслов и прв најзначаен чекор, кој истовремено е постојан и се одвива и откако земјата ќе стане полноправна членка на ЕУ, е преводот на правото на ЕУ, или поточно, подготовка на националната верзија на acquis (правото на Европската Унија).
За да се оствари овој важен сегмент од обврските за членство, неопходен е квалитетен превод на правните акти на Европската Унија на националниот јазик, негова јазична, стручна, правна ревизија и лектура, што претставува сложен и долготраен процес, кој се одвива во повеќе фази и кој во себе вклучува една пообемна структура (преведувачи, правни и стручни ревизори, јазични ревизори, документалисти, лектори, ИТ-експерти, експерти од сите области опфатени со правните акти на ЕУ, како и научната и академската заедница).
Еден од главните предизвици поврзани со преводот на правото на ЕУ е огромниот корпус (во моментов околу 200 000 страници од Службениот весник на ЕУ), како и обемниот корпус на националното законодавство и низа клучни документи важни за преговорите и процесот на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, кои треба да се преведат и да бидат ревидирани од стручен, правен и јазичен аспект. Oвој потфат бара утврдена методологија, јасно дефинирани стандарди и процедури, но и постепено и континуирано јакнење на внатрешните и надворешните капацитети вклучени во процесот, со цел постигнување подобар квалитет.
Овој обемен мултидисциплинарен проект, сам по себе е неисцрпен, крајно сложен, повеќегодишен и може да се смета за еден од најголемите преведувачки проекти во историјата на која било земја кандидатка.