Секторот за подготовка на националната верзија на правото на Европската Унија (acquis), како централно координативно тело, e задолжен за:
- преведување и координација на процесот на подготовка на националната верзија на правото на Европската Унија (acquis);
- преведување и координација на процесот на превод на законодавството на Република Северна Македонија и други документи од значење за процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија; и
- управување и координација на процесот на јазична, стручна и правна ревизија и лектура на преведените правни акти на Европската Унија, како и креирање и одржување терминолошки бази и поимници.
Секторот за подготовка на националната верзија на правото на Европската Унија има две одделенија:
1. Одделение за преведување и координација на процесот на превод е задолжено за:
- анализа на барањата за превод,
- изготвување на план за преведување,
- подготовка на документите за преведување,
- доставување и координација на движењето на документи помеѓу учесниците во процесот на подготовка на националната верзија на acquis, превод на правни акти на Република Северна Македонија и други акти од значење за процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија,
- ажурирање на базите на податоци,
- преведување на документи од важноста за евроинтегративниот процес,
- изготвување на упатства за регулирање на целиот процес и улогата на сите учесници во процесот на подготовка на националната верзија на acquis, преводот на правни акти на Република Северна Македонија и други акти од значење за процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија.
2. Одделение за ревизија и терминологија е задолжено за:
- јазична ревизија на преводите на актите и документите,
- квалитативна контрола и верификација на преводи изготвени од надворешни лица,
- усогласување на терминологијата и терминолошка конзистентност,
- изготвување на прирачници, поимници и упатства,
- работа со термини од правото на ЕУ - собирање, систематизирање и анализа на термините од преводните мемории и
- креирање, ажурирање и одржување на терминолошките база на податоци, особено SDL MultiTerm.
Во работата на Секторот за подготовка на националната верзија на правото на Европската Унија (acquis) вклучени се и надворешни соработници од ресорните министерства, органите на државната управа, научни и образовни институции (МАНУ, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Институт за македонски јазик), Службен весник на РСМ и многу други учесници. Секторот, преку пракса, обезбедува менторство и обуки на студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, катедрата за преведување и толкување, на кои имаат можност да се запознаат и практично да ги поминат фазите на подготовка на националната верзија на правото на ЕУ.
Богатството на секторот е во неговата разноликост. Во секторот со години работат преведувачи-филолози со познавање и практична примена на повеќе европски јазици. Правото на Европската Унија до сега е преведувано како од англиски, така и од француски, германски и италијански јазик. За поефикасно извршување на задачите, во Секторот се користат современи компјутерски потпомогнати алатки (CAT tools), особено SDL TRADOS и Multiterm.