Info
16.3.2022 02:38
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ од денес е во дводневна посета на Тирана каде ќе учествува на експертска тркалезна маса „Регионална соработка за европска интеграција“, организирана во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“.
Целта на иницијативата е да се поттикне регионалната соработка, да се прошират постоечките политички рамки за да можат да бидат опфати и други полиња на социјална интеракција, како што се бизнисот, културата, образованието, иновации, заштита на животната средина и спортот.
Учесниците, високи претставници на влади, меѓународни организации, граѓанското општество, бизнис заедницата од државите на Западен Балкан, ќе дефинираат приоритети, за постигнување регионална економска интеграција, која би помогнала кон приближување на регионот со Унијата и другите развиени пазари и земји.
Ова ќе биде прв од неколкуте настани планирани да се одржат во текот на 2022 година. Воведен збор на настанот ќе има Н.Е. Еди Рама, премиерот на Албанија, а вицепремиерот Маричиќ е говорник на панелот „Сонот и реалноста на еден европски регион“, заедно Мануел Сарацин – германскиот специјален владин претставник за Западен Балкан и Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка.
Во рамки на посетата на Тирана, вицепремиерот за европски прашања Маричиќ ќе се сретне со Зеф Мази, главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во Европската Унија и со албанскиот вицеремиер, Арбен Ахметај.