Процес на пристапување кон ЕУ
Македонија е земја кандидат за членство во Европската унија и очекува почеток на преговорите за членство. Наредна фаза во процесот на пристапување е добивање на датум за преговори за членство во Унијата.
Процесот на преговори за членство во Европската унија за Република Македонија ќе значи окончување на процесот на приближување кон Унијата, усвојување на нејзините придобивки и вредности, како и целосно приспособување на македонските институции кон начинот на функционирање на институциите на Унијата. Преговорите истовремено ќе значат и создавање основи и подготовка за идно успешно функционирање на Република Македонија како земја-членка на Унијата.
Во месец февруари 2008 година, Советот на министри на Европската унија го усвои Партнерството за пристапување нa Република Македонија за 2008 година. Партнерството за пристапување содржи 8 (осум) клучни приоритети кои се услов за добивање на датум за преговори. Република Македонија очекува да го започне процесот на преговори за полноправно членство во Европската унија во текот на 2009 година.
Преговорите, како обемен потфат којшто се одвива со брза динамика, наложуваат целосна подготвеност на државните органи и институции и на структурите воспоставени за координација и водење на преговорите пред започнувањето на самите преговори. Повеќе за преговорите на следниов линк.
Основниот документ на Европската унија за приоритетите на пристапувањето на Република Македонија во рамките на Стратегијата за проширување е Партнерството за пристапување.
Главните приоритети од Партнерството за пристапување се поставени од страна на Европската комисија како услов за добивање на датум за преговори со Европската унија. Владата на Република Македонија во месец март 2008 година донесе Мерки и активности за реализација на главните приоритети од Партнерството за пристапување.
Оценката за остварувањето на приоритетите се дава во Извештајот за напредокот, којшто Европската комисија го објавува еднаш годишно, во ноември.
Потоа Советот на министри на Европската унија донесува заклучоци во однос на Извештајот.
Клучни одлкуки за напредокот на процесот на пристапување донесува Европскиот совет, на својот декемвриски самит (во заклучоците на Претседателството).
Република Македонија ja дефинира својата европска агенда преку Националната програма за усвојување на правото на Европската унија и други клучни документи.
За исполнување на делот на економски критериуми, Република Македонија на годишно ниво подготвува Претпристапна економска програма (ПЕП).
Владата на Република Македонија во ноември 2007 година ја усвои Институционалната платформа и принципи за водење на преговорите за пристапување на Република Македонија во Европската унија.
Владата на Република Македонија редовно го известува Собранието за оствареното во врска со членството кон ЕУ, преку тримесечни извештаи.
СЕП подготвува Месечните прегледи за напредокот.
СЕП подготвува Придонес кон извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на пристапување во ЕУ.