Процес на пристапување кон ЕУ
Тримесечните информации коишто се поднесуваат до Собранието на Република Македонија се во функција на негово континуирано информирање, како и информирање на пошироката јавност за текот на овој процес.
Редовното информирање на Собранието на Република Македонија за активностите што ги презема Владата на планот на остварување на овој врвен стратегиски приоритет, произлегува и од Декларацијата за улогата на Собранието на Република Македонија во парламентарната димензија во процесот за стабилизација и асоцијација („Службен весник на РМ“, бр.39/2003) Истото, несомнено, претставува и чекор напред во целосното ангажирање на капацитетите на законодавниот дом во функција на успешно спроведување на дефинираната ЕУ-агенда на земјата.
Исто така, информациите се дел и од напорите на Владата на Република Македонија за обезбедување и одржување на висок степен на консензус за ова прашање меѓу граѓаните, како и во Собранието на Република Македонија. Ваквиот пристап има за цел и зголемување на поддршката и вклученоста на сите институции и на граѓанскиот сектор во успешната реализација на реформите што се во насока на исполнување на критериумите за членство дефинирани на европските совети во Копенхаген (1993) и Мадрид (1995).