Новости
четврток, 03 март 2016 13:14
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими денес оствари средба со новоименуваниот директор на Канцеларијата на Светска банка во Република Македонија, г. Марко Мантованели.
Досегашната поддршка од страна на Светска Банка и нашето долгогодишно стратешко партнерство, е од суштинско значење за Република Македонија, рече Вицепремиерот Бесими, особено преку кредитните линии за изградба на патна инфраструктура со која се подобрува целокупната транспортна мрежа, а со тоа и конкурентност на нашата економија. Вицепремиерот Бесими ја афирмираше и националната структура за координација на финансирањето на големите инфраструктурни проекти, како заедничка платформа на Владата, ЕУ, Светската банка и останатите финансиски институции.
На средбата стана збор и за актуелните проекти кои се финансираат преку ИПА фондовите, а се реализираат во партнерство со Светската банка, вклучително и во делот на руралната инфраструктура и санацијата на штетите од минатогодишните поплави.
Во текот на разговорот Вицепремиерот Бесими даде и краток осврт на развојот на политичката состојба и моменталната економска состојба во Македонија, како и за итните реформски приоритети во процесот на пристапување кон Европската унија. При тоа, тој ја потенцираше и заложбата на земјата за отворена соработка со ЕУ, при справувањето со мигрантската криза со што покажа дека е сериозен партнер на ЕУ, подготвен да учествува во каков било план или заедничка заложба на Унијата.
Вицепремиерот Бесими и директорот Г. Мантованели изразија задоволство за можноста за понатамошна соработка меѓу Светската банка и Република Македонија.