Новости
понеделник, 22 февруари 2016 17:02
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска се обрати на редовен донаторски состанок, посветен на миграцијата и бегалската криза, со цел координирање на напорите и акциите на сите засегнати страни во справувањето со овој предизвик од глобални размери.
Учесници на настанот беа амбасадори на земјите членки на ЕУ, претставници на меѓународните организации инволвирани во процесот, како и претставници на државните институции и експерти.
Вицепремиерот Бесими подетално се осврна на конкретните активности и напорите за градење на потребните капацитети за справување со ситуацијата , како и на актуелните потреби кои произлегуваат од секојдневната грижа за бегалците.
За време на состанокот беше истакнато дека Македонија останува посветена во исполнувањето на своите обврски со целосно почитување на меѓународните правила и стандарди, што вклучува и, поддршка на бегалците во обезбедување на привремено засолниште, одмор, храна, медицинска заштита, обезбедување и навремена размена на информации и ефективна соработка и координација, менаџирање на миграциските текови преку обезбедување на целосна регистрација на пристигнувања, зајакната гранична контрола, подобрување на полициската и судската соработка како и интензивирани активности против криумчарењето мигранти и трговија со луѓе. Овие активности се спроведуваат во тесна соработка на нашите надлежни институции, со ФРОНТЕКС, повеќе земји членки на ЕУ и надлежните меѓународни институции.
За поздравување е новата специјалена мерка на ЕУ за 2016 година, со буџет од 10 милиони евра за нашата земја, како поддршка на Министерството за внатрешни работи во насока на подобрување на можностите за гранично управување, истакна Бесими.
На крајот од своето обраќање вицепремиерот Бесими се заблагодари на билатералните партнери, за помошта која ја дадоа на нашата земја како подршка за справување со мигрантско-бегалскиот предизвик, но дека и понатаму се потребни финансиски средства за тековните трошоци и за идните потреби.