Новости
среда, 03 февруари 2016 10:45
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, вчера имаше свое обраќање на конференцијата Гермиа Хил (Germia Hill) – Приштина, насловена како “Југоисточната европска безбедност во светлото на пошироките регионални предизвици“.
Во своето обраќање на панелот “Глобалните предизвици и улогата на НАТО и ЕУ во Западен Балкан“ вицепремиерот Бесими, се осврна на глобалните и регионалните геополитички предизвици, низ призма на актуелните политички и економски случувања. При тоа тој истакна дека за Македонија, како мала земја која се уште ги развива своите економски капацитети, со само две децении независно водење на своите политики, НАТО и ЕУ перспективата се и ќе останат стратешка определба и клучен фактор во сите политички и социјални процеси во земјата.
Оваа конференција според Бесими е од посебно значење поради можноста за разменување на идеи и искуства како и сензибилизирање на јавноста околу значењето и улогата на Евроатланските интеграции за земјите од Западен Балкан и регионот, за кои ЕУ претставува единствена аспирација, а НАТО е цел за најголем дел од нив. Земјите од овој регион вложуваат големи напори во насока на приближување кон овие структури и од големо политичко и економско значење е што поскоро интегрирање на овој регион. При тоа Бесими ја истакна потребата од натамошно продлабочување на регионалната соработка, зацврстување на партнерството со ЕУ и НАТО и итно надминување на сите отворени билатерални прашања кои го кочат или успоруваат заокружувањето на децениските процеси за Евро-атлантска интеграција.
Гермиа Хил е годишна политичка конференција во организација на Министерството за надворешни работи на Косово, во соработка со познатиот светски институт Аспен (Aspen Institute), на која учествуваат политичари и меѓународни еминентни експерти и новинари.
На маргините на конференцијата, вицепремиерот Бесими оствари средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Косово, г-дин Хашим Тачи