Новости
четврток, 21 јануари 2016 15:52
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со новоназначениот амбасадор на Република Естонија во нашата земја, г. Даниел Ерик Шаер.
Вицепремиерот Бесими упати честитки до амбасадорот по повод неговото назначување и му посака успешна работа и продолжување на пријателската соработка меѓу двете земји. Исто така изрази задоволство за поддршката од Естонија во евро-атлантските аспирации на земјата.
Бесими го поздрави претстојниот состанок на „Талинската група“ во тесна соработка со групата „Пријатели на Македонија“ во Советот на ЕУ, како и принципиелната поддршка на Естонија, за паралелен процес на пристапни преговори истовремено со билатералните преговори. Тој воедно изрази интерес за соработка со Естонија во областа на апсорпцијата на европските фондови.
Во текот на разговорот посебно беа истакнати и итните приоритети во процесот на пристапување кон Европската унија, утврдени и со заклучоците на Советот на ЕУ, како и краток осврт на развојот на политичката состојба во земјата.
На крајот од средбата Вицепремиерот Бесими и амбасадорот Даниел Ерик Шаер истакнаа дека соработката помеѓу Република Македонија и Република Естонија ќе продолжи и во претстојниот период со зајакната соработка.