Новости
петок, 16 октомври 2015 15:21
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска во просторите на Секретаријатот за европски прашања, оствари работна средба со известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, г.Иво Вајгл.
Вицепремиерот Бесими истакна дека Евро - атлантската интеграција останува еден од клучните стратешки приоритети на нашата земја, а Владата продолжува да работи во спроведувањето на потребните реформи и мерките за понатамошно правно и институционално приближување кон Европската Унија. Дискусијата се фокусираше на активностите кои се преземаат за спроведување на клучните реформи од европската агенда на земјата.
Европратеникот Вајгл ја истакна својата подготвеност за овозможување на понатамошен придонес за поддршка на соработката и за реформските процеси во нашата земја, од аспект на неговиот личен ангажман и од аспект на улогата во Европскиот парламент. Тој исто така ја истакна и потребата од целосна имплементација на постигнатиот политички дијалог.
Во поглед на мигрантската криза беше истакнато дека Владата презема активни мерки за решавање на прашањето околу зголемениот бројот на мигранти кои доаѓаат главно од Грција, вклучувајќи контрола на границите, обезбедување на здравствена заштита, подобрување на условите во сместувачките капацитети. Сепак, Република Македонија нема капацитет самостојно да се справи со овој процес со глобални размери и затоа е потребна континуирана поддршка и директна помош од ЕУ – истакна Бесими.
На крајот, соговорниците истакнаа дека соработката помеѓу Република Македонија и Европскиот Парламент, како и досега ќе продолжи со силно темпо и динамика, и со заеднички пристап и поддршка во понатамошното подобрување на состојбите и реализација на реформите во секоја општествена сфера.