Новости
петок, 09 октомври 2015 16:31
„Од подготовката на Извештајот за напредокот до донесувањето на заклучок на Советот: годишниот циклус на пакетот за проширување на ЕУ, од перспектива на земја-членка“ е темата на која денес г. Залаи Чаба, унгарски експерт оддржа предавање во просториите на Секретаријатот за европски прашања.
Воведен збор пред присутните даде Државниот секретар г-ѓа Ана Блажеска и при тоа ја истакна важноста на токму овој временски интервал во целокупниот процес .
Г. Чаба во првиот дел од предавањето се задржа на процесот на подготвување и усвојување на Пакетот на проширување (Извештајот за напредокот и Стратегискиот документ) на Европската комисија, со посебен осврт на сите фази во процесот, за улогата на надлежните институции и за влијанието на земјите на проширување и земјите- кандидатки.
Во вториот дел од предавањето, унгарскиот експерт се фокусираше на подготвувањето и усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширување и на Процесот на стабилизација и асоцијација, како и одлучувањето на телата за подготовка на Советот во Европскиот Совет.
Предавањето беше организирано во очекување на Извештајот за напредокот кој Република Македонија треба да го добие овој месец и беше реализирано во рамките на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Република Унгарија за експертска советодавна поддршка за промоција на европската интеграција на земјата.