Новости
понеделник, 15 јуни 2015 18:06
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска го прими министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија г-н Петер Сијарто, придружуван од заменикот државен секретар во Министерството за надворешни работи и трговија г-н Жолт Чутора и Амбасадорот на Унгарија во Република Македонија Н.Е. г-н Јозеф Бенце.
За време на средбата, Вицепремиерот Бесими изрази благодарност за континуираната безрезервна поддршка од страна на Унгарија за интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и силната посветеност за забрзување на процесот на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.
Истакнувајки ја важноста на процесот на европската интеграција за Република Македонија, Вицепремиерот Бесими укажа на потребата од преземање на конкретни чекори од сите страни во насока на надминување на предизвиците со кои е соочена нашата држава на внатрешен и надворешен план на патот кон евро-атланските интеграции. При тоа, тој истакна дека европската интеграција останува приоритет.
Министерот за надворешни работи Петер Сијарто нагласи дека Унгарија е меѓу најактивните членки на ЕУ поддржувачи на Република Македонија за отпочнување на пристапни преговори за членство во ЕУ. Во поглед на актуелните политички збиднувања тој укажа дека е особено важно што поскоро воспоставување на одржлив политички дијалог во земјата.
На крајот на средбата, од страна на соговорниците беше истакнато дека добрите билатерални односи помеѓу Република Македонија и Унгарија и понатаму ќе продолжат да се развиваат, особено во делот на пренесување на унгарското искуство и експертиза во доменот на европските интеграции.
Скопје, 15.06.2015