Новости
четврток, 21 март 2013 17:29
Во рамки на посетата во Брисел, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими вчера (21.03.2013) ја оствари неговата прва средба со Генералниот Директор на Директоратот за проширување на Европската Комисија г. Стефано Санино.
Заменик претседателот Бесими го информираше Санино за постигнатиот напредок во реализацијата на договорените реформски цели во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво, и за подготовките на одржувањето на четвртиот состанок на ПДВН како и за подготовката за Пролетниот извештај на Европската комисија. ЗПВРМ Бесими најави дека најдоцна до крајот на март Владата ќе достави ажуриран Преглед на реализација на приоритетите договорени во рамки на ПДВН (претходно доставен до ЕК во февруари 2013).
На состанокот посебен осврт беше даден на селектираните приоритети, кои беа посочени од страна на Европската комисија, а за кои треба да се прикаже значаен напредок.
ЗПВРМ Бесими информираше за договорените активности на Владата на Република Македонија во однос на унапредување во делот на медиумите како и владеење на правото а особено во однос на меѓуетничките односи.
На средбата се искажаа очекувањата за соодветна валоризација на постигнатите резултати во пролетниот извештај на ЕК, како и во однос на добивањето на датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ, а се нагласи дека добрите меѓуетнички односи и одржувањето на фер и демократски избори ќе бидат рефлектирани на пролетниот извештај на ЕК.
Во рамки на дводневната посета на Брисел, заменик претседателот Бесими денес (21.03.2013) се сретна и со Пиер Вимонт, Извршен генерален секретар Европска служба за надворешни работи. На средбата соговорниците ги нагласија активностите кои се преземаат во однос на подобрување на политичкиот дијалог, а се во склоп со приоритетите на Пристапниот Дијалог на Високо Ниво, особено во однос на европската агенда и евро-интегративниот процес.
Во пресрет на локалните избори на 24 март 2013 година, ЗПВРМ Бесими истакна дека одржувањето на изборите на мирен, фер и демократски начин преставува важен приоритет за земјата, како на самиот изборен ден така и за време на изборната кампања. Тој информираше за активностите превземени за јакнење на јавната свест за тајноста на гласањето како средство за борба против заплашувањето и охрабрување на граѓаните.
На состанокот се повтори заложбата на Владата на Република Македонија во однос на реализацијата на договорените приоритети во рамки на ПДВН, засилените активности во изминатиот период со цел натамошен напредок во однос на слободата на изразување во медиумите, владеењето на правото, реформата на јавната администрација, изборните реформи и зајакнувањето на пазарната економија.
Во текот на посетата заменик Претседателот Бесими оствари средба и со Гилс Мерит, Генерален секретар на "Friends of Europe", имаше брифинг пред Генералниот Директорат за проширување и Европска служба за надворешни работи, а ќе оствари и средба со престставници на Комитетот во Советот на ЕУ за Западен Балкан-СОVEB.