Новости
среда, 01 април 2015 13:54
Во просториите на Секретаријатот за европски прашања, се оддржа втората по ред дискуција во рамките на дебатниот циклус “ ЕУ Разговори“.
Тема на денешната дискусија беше Македонија во Европската Унија, перспективи и предизвици. Учесници на дискусијата беа амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија и амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ, Аиво Орав. Истата беше водена од страна на заменикот претседател на Владата на Република Македонија д-р Фатмир Бесими, со вклученост и на експерти од Секретаријатот за европски прашања.
Европската перспектива беше истакната како важен приоритет за Република Македонија, земјите од Западен Балкан, но и за земји членки на Европска Унија.
Во тој контекст беше истакнато дека и покрај моменталните предизвици со кои се соочува државата, фокусирањето на европската Агенда, преку спроведување и остварување на реформски напредок во делот на владеење на правото, слобода на изразување, политички дијалог, добрососедски и меѓуетнички односи, е од особено значење за напредокот на државата и добросостојбата на граѓаните.
Од голема важност за процесот е во наредниот период Република Македонија да ги покаже своите демократски капацитети и преку отворена дискусија да го придвижи потпомогнатиот политички дијалог на напред.
Од страна на присутните беше истакнато дека во Европската Унија со големо внимание, загриженост и сериозност на дневна основа се следи развојот на настаните во државата и дека последните случувања може да имаат неповолно влијание врз Извештајот за напредок.
Беше упатена препорака сите политички партии и општествени чинители да придонесат кон доброто и иднината на граѓаните.
ЕУ разговорите во организација на Секретаријатот за европски прашања имаат за цел, преку отворена, стручна и конструктивна дебата, помеѓу различни домашни и странски општествени чинители на актуелни теми и прашања, да придонесат кон калибрирање на заеднички ставови, насоки и предлози кои може евентуално да водат кон решенија. Наредната дискусија е предвидена за тековниот месец и ќе биде од доменот на еднаквост помеѓу мажите и жените. Женско лидерство.