Преговарачки поглавја
Поглавјето 3.19 Социјална политика и вработување ги покрива следните области: трудово право, безбедност и здравје при работа, социјален дијалог, политика на вработување и Европски социјален фонд, социјална заштита и социјална вклученост, антидискриминација и еднакви можности. Политиката за вработување ги вклучува стратешките цели на ЕУ насочени кон обезбедување на целосно вработување, добри услови за работа, висока продуктивност и социјална кохезија во согласност со политиката „флексибилна безбедност“ која ги комбинира флексибилноста и безбедноста на пазарот на труд. Законодавството на ЕУ во ова поглавје вклучува минимални стандарди во областа на трудовото право, еднаквиот третман на мажите и жените во однос на вработувањето и социјалното осигурување, и здравјето и безбедноста при работа.
Покрај тоа, утврдени се посебни обврзувачки правила за да се обезбеди заштита од дискриминација врз основа на пол, раса, етничка припадност, попреченост, сексуална ориентација, возраст, вероисповед или уверување.