Преговарачки поглавја
Поглавјето 3.08 Политика на конкуренција ги опфаќа правилата на Европската Унија кои овозможуваат претпријатијата да се натпреваруваат под еднакви услови на пазарите на сите земји членки. Слободната конкуренција е клучен елемент на економијата на отворен пазар. Ги стимулира економските перформанси и им нуди на потрошувачите поширок избор на поквалитетни производи и услуги, како и поконкурентни цени. Политиката на конкуренција се состои од три подрачја: антитрустови, државна помош и либерализација. Со правилата за антитрустови Унијата забранува договори меѓу два или повеќе субјекти на пазарот доколку тие ја ограничуваат конкуренцијата (картели), злоупотреба на доминантна позиција и спојувања, односно преземања што значително ја намалуваат конкуренцијата на единствениот пазар. Државната помош е исто така забранета согласно овие правила, како субвенција или каква било друга помош обезбедена од земја членка што ја нарушува конкуренцијата, со одредени исклучоци кога таквата помош може да биде оправдана доколку е во полза на јавниот интерес. Либерализацијата се однесува на надминување на државните монополи кај одредени суштествени сектори како што се: енергија, телекомуникации, транспорт, вода и поштенскиот сектор.