Новости
петок, 25 јули 2014 15:17
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, денеска имаше работна средба со министерот за надворешни работи на Република Италија Н.Е. Федерика Могерини, како дел од нејзината работна турнеа на државите од Западен Балкан, во знак на поддршка на нивниот евроинтегративен процес.
На почетокот на средбата вицепремиерот Бесими ја искористи можноста лично да и честита и заблагодари на Могерини за Италијанското претседателство со Европската унија и агендата со приоритети која ја спроведува, меѓу кои од исклучително значење за Република Македонија и земјите од Западен Балкан е издвојувањето на проширувањето како еден од главните приоритети на нивното Претседателство со Унијата.
Бесими за време на состанокот истакна дека интегрирањето на Република Македонија во Европската унија останува врвен приоритет на Владата на Република Македонија, во таа насока и во наредниот период ќе бидат вложени силни напори во реформскиот процес со цел постигнување напредок, кој ќе биде нотиран во есенскиот извештај на Европската комисија. Континуирано се работи на реформите во судството и зајакнување на довербата во институциите, владеење на правото, слободата на изразување, политичкиот дијалог, меѓуетничките и добрососедските односи, истакна Бесими.
Бесими на состанокот потенцираше дека Владата на Република Македонија очекува поддршка од италијанското претседателство за отпочнување на преговарачкиот процес и прашањето за отпочнување на преговорите да биде ставено на дневен ред на декемврискиот состанок на Советот на ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Италија, Могерини, ги поздрави реформите што се спроведуваат во нашата земја и нагласи дека Република Италија за време на нејзиното претседавање со Европска унија, сериозно ќе се посвети на процесот на проширување на ЕУ.
Могерини на состанокот препорача Македонија да продолжи со конструктивниот пристап кон решавањето на спорот за името со Република Грција, и двете земји да се потрудат да изнајдат заедничко прифатливо решение, со што на Македонија би и се отворил патот за членство во ЕУ и НАТО. Бесими потенцираше дека за решавање на спорот со името освен конструктивниот пристап од двете страни, потребен е и посилен ангажман и поддршка од земјите членки на ЕУ.