Новости
четврток, 12 јуни 2014 13:08
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска учествуваше и имаше свое обраќање на проектот “Јакнење на капацитетите за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика“ кој е финансиран од страна на Европската унија преку фондовите за предпристапната помош – ИПА (TAIB).
Главната цел на проектот е да се подобри заштитата на здравјето на луѓето, животните и растенијата
преку зајакнување на институционалните капацитети во Агенцијата за храна и ветеринарство,
фитосанитарната управа и фитосанитарната лабораторија. Исто така се планира зајакнување на капацитетите за надзор на штетните организми и растенија како и подготовка за акредитација на инспекциските служби во согласност на ЕУ стандардите.
Бесими во своето обраќање истакна дека започнувањето на овој проект е голем успех бидејќи преку него се подржува една од најголемите и најзначајни институции за усвојување и спроведување на националното законодавство во областа на храната и благосостојбата на животните.
“Процесот на европската интеграција е долг и скап процес, но и процес на учење“ – рече Бесими додавајќи дека проектот е добиен преку максимално професионално вложување на националните капацитети, како во областа на програмирање, така и во тендерирањето а со иста заложба и елан ќе продолжи и спроведувањето на проектот.
Вицепремиерот Бесими на крајот на своето обраќање на присутните им посака успешна реализација на проектот и исполнување на очекуваните резултати .