Новости
среда, 11 јуни 2014 18:26
Во просториите на Секретаријатот за европски прашања денес, се одржа средба помеѓу Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, д-р Фатмир Бесими и директорот во Директоратот за проширување на Европската Комисија, г-ѓа Александра Кас Грање.
Во рамки на состанокот беа разменети мислења за заложбите и достигнувањата на Владата на Република Македонија во поглед на евроинтегративниот реформски процес, како и на вкупната политичка постизборна состојба во државата.
Вицепремиерот Бесими истакна дека евроинтегративниот процес останува стратешки приоритет и на новата Влада на Република Македонија, која е во процес на формирање.
На состанокот тој го даде своето уверување дека Република Македонија и во наредниот период ќе продолжи посветено да работи во реформските процеси, унапредувањето на односите со соседите и земјите од регионот, како и имплементација на Охридскиот рамковен договор и негувањето на меѓуетничкиот соживот како позитивно обележје на нашето општество.
Бесими исто така укажа дека Владата на Република Македонија ја усвои ревидираната Национална Програма за усвојување на правото на Европската унија - НПАА, како поширока национална платформа за процесот на пристапување. Истата е резултат на масовна инклузивност, висок капацитет и способност на македонската администрација за планирање на процесот и покрај отсуство на скрининг и датум за почеток на преговори, што претставува потврда дека Република Македонија е подготвена за отпочнување на преговорите како и преминување во втората фаза од ССА.
Заменик Претседателот во текот на состанокот нагласи дека Владата на Република Македонија како и националните ИПА структури се посветени на подобрување на ефикасноста и ефективноста на воспоставениот децентрализиран систем за спроведување на ИПА. Оттука со дефинирање на конкретни мерки и рокови директно се работи на подобрување на работењето на овие структури како и редовно следење на направениот напредок од страна на Владата на Република Македонија.
Во разговорите посебен акцент беше ставен на програмирањето и неодамна усвоената законска рамка од Европската Комисија за ИПА 2, 2014-2020, вкучувајќи ги и следните чекори за консултации на Рамковната спогодба, чие потпишување е потребно да се заокружи до крајот на 2014 година, со што ќе се овозможи отворање на простор за склучување на поединечните финансиски спогодби.