Новости
четврток, 14 март 2013 14:56
Денес заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими се сретна со Амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија, Н.Е. Стефано Лазарато.
На оваа прва средба на Бесими како заменик претседател на Влада со Амбасадорот Лазарато, се разговараше за континуираната соработка како и за зајакнувањето на соработката помеѓу двете држави, а посебен фокус се стави на продолжување на развојот на државата и општеството на Република Македонија.
Соговорниците ја потенцираа важноста на политичкиот дијалог помеѓу различни политички страни како и важноста на добрите меѓуетнички односи, како главен фактор за развој и стабилност на Република Македонија.
Амбасадорот Стефано Лазарато на средбата најави понатамошно проширување на соработката во Република Македонија во нови сектори, вклучувајќи и нови проекти со цел поддршка на економскиот развој како намалување на невработеноста и зголемување на конкутрентноста, поддршка на демократијата со акцент на зајакнување на капацитетите на локалната власт и невладиниот сектор, на здравството и слично.
На крајот, вицепремиерот Бесими се заблагодари за честитките упатени од Амбасадорот Лазарато за новата функција, како и за соработката и поддршката на Швајцарија за Република Македонија, и го увери амбасадорот дека лично ќе се посвети и заложи за продолжување и зајакнување на оваа соработка.