Новости
среда, 29 јануари 2014 13:53
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денес потпиша Меморандум за соработка со шест универзитети од Република Македонија.
Меморандумот беше потпишан од страна на Ректорот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“, проф. д-р Велимир Стојковски, Ректорот на Универзитет на Југоисточна Европа, проф. д-р Замир Дика, Ректорот на Државниот Универзитет во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети, Ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски-Битола, проф. д-р Златко Жоглев, Проректорот на Универзитет Св. Апостол Павле-Охрид, проф. д-р Иван Бимбиловски и Проректорот на Универзитет Гоце Делчев – Штип, проф. д-р Емилија Јаневиќ Ивановска.
Овој Меморандум се потпиша со цел продлабочување на соработката меѓу Секретаријатот за европски прашања и универзитетите во Република Македонија а со истиот се предвидува изработка на заеднички проекти за истражување, дебати, предавања и заедничко аплицирање за нивно финансирање во земјата и во странство.
Вицепремиерот Бесими истакна дека се предвидува стажирање на студенти во секретаријатот во рамки на образовните програми кои ќе се изведуваат во доменот на европската интеграција. Првиот повик за волонтирање ќе биде отворен за сите заинтересирани студенти.
Меѓу другото со Меморандумот се предвидува доделување на стипендии за државни службеници, за магистерски студии од областа на европските студии, во Македонија и во странство, а исто така ќе се отворат и ЕУ инфо катчиња на Универзитетите, односно во катедрите кои ги реализираат студиите поврзани со процесот на Европска интеграција
Ректорите кои го потпишаа Меморандумот изразија задоволство за оваа иницијатива и го поздравија потегот за продлабочување на соработката измеѓу Секретаријатот за европски прашања и Универзитетите, со што според нив, младите ќе имаат одлични можности за запознавање и детално информирање за интегративниот процес на земјата, како и можност за постдипломски студии во земјата и странство.