Новости
понеделник, 11 март 2013 06:16
Денеска во Секретаријатот за европски прашања се одржа триесет и втората седница на Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ) со кој претседаваше заменик- претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими.
На состанокот присуствуваа државните секретари на институциите, раководителите на работните групи за подготовка на Националната програма за усогласување на националното законодавство со европското законодавство за 2013 година (НПАА) и претседавачите на поткомитетите од ресорните министерства.
Денешната седница на РКЕИ беше посветена на статусот на реализација на приоритетните цели усвоени на Пристапниот дијалог на високо ниво; статусот на реализација на НПАА 2013; реализацијата на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација како и статусот на ИПА.
Вицепремиерот Бесими истакна дека во тек се подготовките за одржување на четвртиот состанок на Пристапниот дијалог и во наредниот период ќе биде потребна максимална ангажираност од сите надлежни институции кои имаат обврска да ги реализираат предвидените активности.