Програми на Унијата
Врз основа на Меморандумот за разбирање за Седмата рамковна програма за истражување, потпишан на 13 јуни 2007 година од страна на министерот за образование и наука Сулејман Рушити и европскиот комесар за наука и истражување Јанез Поточник, Република Македонија доби можност за полноправно учество во Седмата рамковна програма за истражување на Европската унија.
Седмата рамковна програма за истражување претставува основен финансиски инструмент на Европската комисија за поддршка на истражувањето и технолошкиот развој и е една од главните иницијативи директно поврзани со Лисабонската агенда – ЕУ да стане најдинамична и најконкурентна економија во светот базирана на знаење. Оваа програма има буџет од 50,5 милијарди евра со времетраење од 2007 до 2013 година. Главните цели на програмата се групирани во четири категории: соработка, идеи, луѓе и капацитети. За секој тип на цели постојат специфични програми што одговараат на главните области на истражувачката политика на ЕУ. Програмата покрива девет одделни области. За секоја област е предвидено номинирање на национални лица за контакт. Деветте области покриени со програмата се:
1. Здравје
2. Храна, земјоделство и биотехнологија
3. Информатички и комуникациски технологии
4. Нанонаука, нанотехнологија, материјали и нови производствени технологии
5. Енергија
6. Промени во околина и клима
7. Транспорт и аеронаутика
8. Социо-економски и хуманитарни науки
9. Вселена и безбедност
Освен овие области, дополнителни две се покриени со Рамковната програма на Евроатом:
1. Истражување на фузија (соединување) на енергија
2. Нуклеарна фисија (цепење) и заштита од радијација
Национална партнерска институција одговорна за спроведување и координирање на активностите поврзани со програмата е Министерството за образование и наука. Во функција на успешно учество во Програмата, од страна на Министерството за образование и наука е номиниран национален координатор за програмата, како и национални лица за контакт за сите области што ги опфаќа оваа програма. Улогата на националните лица за контакт е со своето знаење и услуги да го помогнат успешното подготвување на проектите.
Учеството на Република Македонија и на македонските истражувачи, институти, компании е на конкурентна основа. Може да се повлекуваат средства во зависност од квалитетот на предложените проекти. Со вклучување во оваа програма, за првпат се отвораат можности за македонските истражувачи да станат носители и координатори на проектите.