Новости
понеделник, 29 јули 2013 14:58
Денес во МК-ЕУ Инфо Центарот, Заменик Претседателот на Владата задолжен за Европски Прашања д-р Фатмир Бесими се сретна со претставници на новоформираниот Национален Младински Совет на Македонија, Ивана Давидовска претседател, Дона Костуранова, потпретседател, Арбен Ристеми, Даниел Калајџиевски и Иван Јованов членови на управниот одбор на НМСМ.
На средбата претставниците на Националниот Младински Совет му ја презентираа на заменик Претседателот Бесими идејата на формирањето на советот, неговите цели и задачи, како и акцискиот план на работата на советот во наредните 6 месеци.
“Мене навистина ми е драго што гледам дека тоа што ни беше најавено за формирањето на советот конечно се оствари” – рече вицепремиерот Бесими на состанокот и им честита за изборот на управниот одбор и посака успех во работата и функционирањето.
На состанокот се потврди поддршката на Секретаријатот за Европски Прашања за Националниот Младински Совет и се разговараше за можностите за блиска соработка низ различни заеднички активности, во рамки на проект иницијативата на СЕП “Youth for Europe”.
“Мило ни е што вие сте првата владина институција која на своја иницијатива не повика на средба, и ни нудите поддршка која за нас но и за сите организации членки на Националниот Младински Совет е од голема значајност особено во ова време на формирањето” – рече Ивана Давидовска, претседател на Националниот Младински Совет на Македонија.
Националниот Младински Совет на Македонија е чадор организација, претставничко тело на младите чија мисија е да ги претставува интересите и потребите на младите луѓе како врска со сите чинители и да обезбеди вклучување и активно учество на младите во процесот на донесување одлуки на секое ниво. Советот е основан од 55 организации (младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии).
“Креирањето на Националниот младински совет претставува чекор кон европското интегрирање на Македонија во областа на младите и младинските политики. Преку нашето активно делување НМС се стреми да стане партнер и промотор на европското интегрирање и поттик за младите да ги бараат, креираат и следат најсовремените европски текови во сите области кои нив ги засегаат. Како чадор организација Ви стоиме на располагање за поддршка на сите значајни процеси за младите и евроинтеграцијата” рече Ивана Давидовска, претседател на Националниот Младински Совет на Македонија.
“Јас верувам во потенцијалот на младите во Македонија и сакам да тоа го користиме најдобро што можеме, за таа цел Секретаријатот за Европски Прашања има политика на отворена врата за младинските иницијативи” рече вицепремиерот Бесими на крајот на состанокот, каде се договорија за понатамошни состаноци за соработка.