Новости
среда, 19 јуни 2013 16:07
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со амбасадорот на Европска Унија во Македонија Н.Е. Аиво Орав и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во РМ, со цел нивно информирање за остварениот напредок на Република Македонија во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет.
На средбата вицепремиерот Бесими истакна дека Република Македонија продолжува со остварувањето на реформите во клучните области опфатени во Пристапниот дијалог на високо ниво. Исто така, Бесими ги информираше амбасадорите за реализираните средби со неговите хомолози во неколкуте земји членки во рамки на остварените посети.
На средбата беа истакнати активностите превземени за адресирање на една од клучните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво, слободата на изразување и медиумите.
Осврт беше даден и за формирањето на анкетната комисија која според Бесими ќе придонесе за подобрување на дијалогот со новинарите и адресирање на другите отворени прашања од областа на слободата на изразување и настаните од 24 декември 2012 година.
Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија го поздравија формирањето на анкетната комисија за настаните од 24 декември 2012 година и очекуваат комисијата да излезе со конкретни предлози и решенија за надминување на оваа ситуација, како и важноста од интензивирање на дијалогот и комуникацијата со медиумите по однос на отворените прашања. Исто така, од нивна страна беше укажано за потребата за потпишување на меѓу-партиски Меморандум со кој ќе се утврди заложбата на сите релевантни страни кон процесот на евроинтеграција.
Дополнително, амбасадорите на земјите членки ја истакнаа важноста на решавањето на напорите на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи, но исто така укажаа на продолжување на овие активности со посебен акцент за потребата од брзо изнаоѓање на взаемно прифатливо решение на прашањето со името.