Новости
понеделник, 17 јуни 2013 16:33
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими денеска оствари средба со заменик помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања Филип Рикер, кој престојува во посета на Република Македонија.
На средбата се дискутираше за европската интеграција на Република Македонија и значењето на овој процес во однос на стабилноста и развојот на земјата и регионот. Вицепремиерот Бесими, информираше за постигнатиот напредок во реализацијата на обврските од Пристапниот дијалог на високо ниво, како и за напорите и заложбите на Владата во однос на добрососедските односи и надминувањето на отворените прашања за името. При тоа, Бесими посочи дека напредокот беше соодветно нотиран и во пролетниот Извештај на Европската комисија, со укажување на областите во кои се очекува поголем ангажман и напредок во наредниот период.
Воедно, беше позитивно оценето формирањето на Анкетната комисија за настаните од 24 Декември, со што се дава сигнал дека Република Македонија има институционални капацитети кои можат да го дадат својот потенцијал во напредокот на земјата, во насока на исполнувањето на европските демократски стандарди и копенхашките политички критериуми.
Посебен акцент на состанокот имаа последните движења во регионот во однос на на европската интеграција, како и евроатлантската перспектива, како основа за стабилност, мир и развој во регионот на Западен Балкан. Во тој контекст, се поздрави дијалогот меѓу Белград и Приштина и беа изразени очекувања дека договорот навремено ќе се имплементира. Позитивно го оценија и членството на Хрватска во ЕУ во насока на остварување на европската идеја.
На состанокот се напомена и Европскиот самит во јуни во контекст на разгледување на остварениот напредок во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво. Воедно, на средбата, се укажа на потребата од што поскоро разрешување на прашањето за името со поголем ангажман од двете страни инволвирани во ова прашање, со цел евроатлантската перспектива на Македонија да стане реалност.
Евро-атлантската перспектива на Западен Балкан останува заеднички интерес на Република Македонија и Соединетите Американски Држави.