Новости
петок, 07 јуни 2013 09:26
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денес во рамки на работната посета на Сојузна Република Германија се сретна со д-р Емили Хабер државен секретар во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, со Николаус Мајер – Ландрут, советник на Канцеларот Ангела Меркел и со Петер Вајс, Јосип Јуратович и Јохан Вадехул од Групата за соработка со Југоисточна Европа, како и со Андреас Шокенхоф, потпретседател на комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг.
Во фокусот на разговорите беше процесот на европска интеграција на Република Македонија, при што вицепремиерот Бесими се осврна на прогресот остварен во спроведувањето на активностите од европската агенда. Во таа насока, Бесими ја истакна и важноста на Пристапниот дијалог на високо ниво кој придонесе за нова динамика во остварувањето на реформите во петте клучни области.
Според него, постигнатиот напредок беше соодветно нотиран во пролетниот Извештај на Европската комисија со што се потврди дека земјата останува на својата стратешка определба за членство во ЕУ и ги исполнува условите за почеток на преговорите.
Германија уште еднаш ја потврди поддршката за Република Македонија во процесот на интеграција и ја истакна важноста од понатамошните напори за унапредување на добрососедските односи и решавање на прашањето за името како и унапредувањето на регионалната соработка. Исто така треба да се направат напори за имплементација на политичкиот договор од 1-ви Март и да се одржи меѓуетничкиот дијалог.
На средбите исто така беше констатирано дека Македонија и Германија имаат одлична билатерална соработка.