Новости
вторник, 04 јуни 2013 11:54
Денеска, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, престојува во работна посета на Велика Британија каде што оствари средба со министерот за европски прашања во британската Влада Дејвид Лидингтон, а го посети и Британскиот Парламент каде се сретна со лорд Хани, лорд Баунес, лорд Меклинан, претставници од комисијата за европски прашања од Горниот дом на британскиот Парламент како и со Овен Џенкинс, директор за проширување на ЕУ и Западен Балкан.
Обединетото Кралство континуирано го подржува процесот на натамошно проширување на ЕУ. Министерот за европски прашања на Велика Британија во разговорите со Бесими нагласи дека важно е да се покаже напредок според Декемвриските заклучоци на Европскиот Совет во однос на приоритетите на ХЛАД, добрососедските односи и прашањето за името. Во континуитет Британија ја повторува поддршката за напорите на Македонија за зачленување во ЕУ.
Обединетото Кралство дава поддршка во евроинегративниот процес на Македонија, преку спроведување на проекти во неколку области и тоа: јавно управување: поддршка на реформата на јавната администрација, проценка на регулаторно влијание, градење на капацитетите во делот на професионални квалификации и програма за зајакнување на Парламентот, како и проектот за владеење на правото и основните права: поддршка на проекти за спроведување на мерките за борба против корупцијата, за воспоставување на условните казни во Македонија; за спроведување на стратегијата за еднаквост и антидискриминација, како и во делот на слободата на изразување на човековите права. Британски експерт беше вклучен и во анализа на предлог Законот за граѓанска одговорност и клевета.
За време на средбите вицепремиерот Бесими се осврна на активностите кои се преземаат во Република Македонија во однос на исполнување на обврските од Пристапниот дијалог на високо ниво како и останатите реформски процеси.
Тој посочи дека Пристапниот дијалог овозможи де се добие нова динамика во остварувањето на реформите во петте клучни области и дека постигнатиот напредок беше соодветно валоризиран во пролетниот Извештај на Европската комисија со што се потврди дека земјата ги исполнува условите за почеток на преговорите.
На средбите стана збор и за билатералната соработка како и поддршката која Македонија ја добива од Велика Британија во однос на процесот на интеграција особено во делот на реформа на јаваната администрација. Воедно, на средбите беше истакната поддршката за интеграцијата на земјата во ЕУ.