Новости
понеделник, 20 мај 2013 12:06
Заменикот претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими и Алесандро Фракасети, вршител на должност постојан претставник на УНДП во Република Македонија денеска (20.05.2013) го отворија дводневниот „Семинар за пристапување во ЕУ“ посветен на поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права.
Сметам дека овој семинар се одржува во еден многу важен момент за европската интеграција кога нашата земја доби позитивни оценки во пролетниот Извештај на Европската комисија по однос на реализацијата на обврските од Пристапниот дијалог на високо ниво. Со ова покажуваме дека остануваме посветени процесот и имаме капацитет да се справиме со предизвиците кои произлегуваат од реформските процеси“, истакна вицепремиерот Бесими.
Споделувањето на хрватските искуства во процесот на преговори со ЕУ, особено во делот на правосудството и фундаменталните права ќе придонесе за понатамошно зајакнување на административните капацитети, особено ако се има предвид дека се очекува Европскиот совет да определи датум за почеток на пристапните преговори на јунскиот самит.
Вршителот на должноста постојан претставник на УНДП, г. Алесандро Фракасети истакна дека Хрватска е единствена земја која што го има завршено процесот на преговори со ЕУ според новиот формат кој од неодамна важи за сите земји кандидати за членство. ‘Со пренесувањето на свежите искуства од Хрватскиот преговарачки тим, во можност сме да обезбедиме експертиза од прва рака. Ова е дел од долгорочната поддршка на УНДП за земјата во нејзиниот процес за подготовка за преговорите и постигнување на нејзината цел – членство во ЕУ’.
На семинарот учествуваат претставници од државните институции кои работат на ова поглавје, а искуствата ќе ги пренесат експерти од Република Хрватска кои биле директно вклучени во преговарачкиот тим.
Семинарот е продолжение на низата активности кои се реализираат во рамки на соработката со УНДП вклучително и семинарот за пристапување во ЕУ кој се одржа во септември 2012 година како и семинарот за поглавјето 24 Правда, слобода и безбедност кој се одржа во декември 2012 година.
Настанот го организира Секретаријатот за европски прашања во соработка и со поддршка на Канцеларијата на УНДП во Македонија.