Секретаријатот за европски прашања најавува информативна сесија за програмата за територијална соработка Интерег Европа, кој го организира во соработка со Заедничкиот секретаријат на Програмата.
Информативната сесија ќе се одржи на 4 април 2024 год. (четврток), во периодот 10.00 – 14.00 часот во Центарот за обука на Секретаријат за европски прашања во Скопје.
Информативната сесија е посветена на третиот повик за проекти кој ќе биде отворен во периодот 20 март - 7 јуни 2024 год., заедно со повикот за вклучување на новите партнерски држави во проектите одобрени во рамки на 1-от и 2-от повик.
Буџетот на третиот повик изнесува 130 милиони евра, со кои ќе се финансираат проекти посветени на сите теми од заедничка релевантност за партнерските земји, во линија со нивните регионални потреби во опсегот на кохезионата политика.
Агендата за настанот ќе биде навремено споделена со регистрираните учесници.
Кус опис на Програмата
Интерег Европа e програма за меѓу-регионална соработка ко-финансирана од Европската унија. Вкупниот буџет на програмата од 379 милиони евра е наменет за поддршка на широк круг на потенцијални корисници на национално, регионално и локално ниво, преку финансирање на проекти од меѓу-регионален интерес и размена на искуства преку Платформа за учење на политики.
Програмата ги обработува темите:
1. Попаметна Европа
2. Позелена Европа
3. Подобро поврзана Европа
4. Посоцијална Европа
5. Европа поблиска до граѓаните и
6. Подобро управување на регионално ниво
Како потенцијални корисници на Програмата можат да се јават:
1. Јавни институции
· Национални, регионални и локални јавни институции
· Други релевантни тела надлежни за подготовка и/или спроведување на политики за регионален развој
· Тела надлежни за подготовка и/или спроведување на програми за инвестиции, вработување и раст
2. Организации релевантни за политики за регионален развој
· Организации за поддршка на бизнисите (развојни агенции, агенции за иновации, комори, кластери и сл.)
· Организации за животна средина (агенции за заштита на животната средина, агенции за енергетика, невладини организации и сл.)
· Образовни и истражувачки институции (универзитети, истражувачки центри и сл.)
Соработката во рамки на Интерег Европа се реализира на два начина и тоа преку:
1. Проекти за меѓу-регионална соработка
Станува збор за проекти на кои соработуваат конкретен број на партнери од различни региони, кои разменуваат и пренесуваат искуства поврзани со прашање/а од регионално значење.
2. Платформа за учење
Достапност на резултатите и достигнувањата на пошироката јавност преку разновидни услуги за учење на политиките од важност за Програмата Повеќе информации за Програмата се достапни на следниот линк:
https://www.interregeurope.eu/