Најави
петок, 28 април 2023 08:45
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ја предводи македонската делегација во Брисел по повод почетокот на билатералниот скрининг состанок за Поглавје 25, „Наука и истражување“ од третиот кластер, „Конкурентност и инклузивен раст“.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ ќе ја искористи еднодневната работна посета на Брисел за да одржи координативен состанок со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела, а ќе се сретне и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Скрининг процесот се одвива непречено. Скоро сме на половина од неговата реализација, а според утврдениот календар, треба да заврши до крајот на ноември. Објаснувачкиот и билатералниот скрининг се комплетно завршени за два клучни кластери: Кластерот 1, „Темелни вредности“ и Кластер 2, „Внатрешен пазар“. Во тек е билатералниот скрининг за третиот кластер, „Конкурентност и инклузивен раст“, за кој веќе е завршен објаснувачкиот скрининг. Паралелно го затворивме и објаснувачкиот скрининг за четвртиот кластер, „Зелена агенда и транспортна политика“, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.