Новости
вторник, 30 април 2013 13:18
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денес оствари средба со Министерот за Надворешни работи на Република Албанија Алдо Бумчи кој престојува во официјална посета на Македонија.
За време на средбата соговорниците разменија мислења за билатералната соработка меѓу двете соседни земји при што заклучија дека соработката е на високо ниво, но дека постои дополнителна можност за нејзино понатамошно унапредување во сите сфери од заеднички интерес.
Вицепремиерот Бесими се осврна на мерките и активностите кои ги презема Владата на Република Македонија во евроинтегративниот процес, посебно во делот на активностите од Пристапниот дијалог на високо ниво, особено по објавувањето на пролетниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.
Се потврди дека евроинтегративниот процес е од исклучителна важност за одржување на мирот и стабилноста и поттикнување на развојот на регионот, а во овој контекст соговорниците го поздравија постигнатиот договор помеѓу Србија и Косово, кој е важен придонес за унапредување на Евро-Атлантската перспектива на сите земји во регионот.
Воедно, вицепремиерот Бесими и министерот Бумчи истакнаа дека европската перспектива на земјите од Балканот е процес кој придонесува за унапредување на демократските процеси, но и за на унапредување на добрососедските односи. Оттука, Бесими посочи дека Македонија секогаш е подготвена да учествува и да ги поддржи сите иницијативи за регионална соработка кои ќе придонесат за понатамошно јакнење на врските меѓу земјите од регионот.
Бесими и Бумчи ја искажаа важноста за напредокот на двете земји во процесот на интеграција во Европската Унија, изразија подготвеност за продлабочување на досегашната билатерална соработка и нејзино интензивирање преку размена на искуства во делот на евроинтеграциите. Притоа вицепремиерот Бесими искажа подготвеност досегашното искуство на македонските институции во овој процес да се пренесе на институциите на Албанија.
На крај од средбата се разговараше и за можностите за унапредување на соработката во однос на искористувањето на средствата од компонентата 2 на ИПА фондовите со оглед на тоа што ваквите проекти се значајни за подобрување на условите за живот на граѓаните во пограничните области на двете земји.