Најави
вторник, 31 јануари 2023 01:42
Повеќе од 20 години, програмата УРБАКТ обезбедува поддршка за градовите низ Европа со цел решавање на проблемите во локалните заедници и подобрување на квалитетот на живот на нивните граѓани преку размена на знаења и искуства. Досега, повеќе од 1.000 европски градови ја имаат искористено поддршката од оваа Програма, притоа воспоставувајќи соработка во рамките на над 150 мрежи.
Од оваа година, Европската унија овозможи учество и на Република Северна Македонија во УРБАКТ програмата. Со тоа, нашите градови добиваат можност за воспоставување на соработка преку која ќе ги подобрат своите политики за урбан развој преку проекти финансирани од програмата УРБАКТ и да го зголемат учеството на граѓаните во процесите на планирање и спроведување на споменатите политики.
Првиот повик за предлози за проекти во рамките на програмата УРБАКТ беше отворен на 9 јануари и ќе биде затворен на 31 март 2023 год. во 15:00 часот. Повеќе информации за повикот се достапни на следниот линк: https://urbact.eu/get-involved. Градовите од Северна Македонија можат да изразат интерес за учество во една од мрежите и да најдат партнери за проекти преку следниот линк: https://urbact.eu/partnersearchtool.
По повод објавувањето на првиот повик, Секретаријатот за европски прашања во соработка со Заедничкиот секретаријат на УРБАКТ програмата организира информативен ден на 17 февруари 2023 год. во периодот 10.00-13.00 часот.
Вашето учество на информативниот ден можете да го пријавите најдоцна до 10 февруари 2023 год до крајот на работното време на следната адреса: Natalija.Filipovska@sep.gov.mk. Заради просторното ограничување, форматот на присуство е по 1 претставник од секој потенцијален корисник.
Агендата за состанокот, вклучувајќи ја и локација на одржување на истиот ќе бидат навремено споделени со регистрираните учесници.