Најави
понеделник, 12 декември 2022 10:47
Секретаријатот за европски прашања, денеска, ја организира третата панел дискусија на тема „Македонската економија е европска – мобилност, конкурентност, развој“ на која ќе се дискутираат клучните предизвици поврзани со класерот 2 - Внатрешен пазар и кластерот 3 - Конкурентност и инклузивен раст.
Поздравни говори на настанот ќе имаат г. Бојан Маричиќ, Заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања и г-ѓа Ами Ларсон Џеин, Амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.
Првата панел сесија ќе ја модерира Стефан Ристовски од Институтот за европски прашања на која ќе учествуваат заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координатор на кластер 2, Фатмир Битиќи, потоа министерот за финансии, Фатмир Бисими, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, вицегувернерката на Народна Банка на Република Северна Македонија, Емилија Нацевска и Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
На втората панел сесија, посветена на кластер 3 Конкурентност и инклузивен раст, ќе говорат Крешник Бектеши, министер за економија, Јетон Шаќири министер за образование, Бисера Костадинова Стојчевска, министерка за култура, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, Сања Лукаревска директорка на Управа за јавни приходи и Благица Петревски, извршна директорка на Фајнанс Тинк.
Првата панел дискусија со наслов „Со сите капацитети до европски стандарди – институции кои испорачуваат за граѓаните“ беше посветена на кластерите 1 и 6, односно на „Фундаментални вредности“ и „Надворешни односи“. На втората панел дискусија во рамки на настанот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“ се дискутираа кластерите 4 и 5 посветени на „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ и на „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ ги организира овие настани посветени на промоција на годишниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2022 година под слоганот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности", со цел во инклузивен состав да се дискутираат предностите и слабостите нотирани во првиот Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија, после отворањето на преговорите со ЕУ.
Третата панел-дискусија, на тема „Македонската економија е европска – мобилност, конкурентност, развој“, ќе се одржи на 12-ти декември 2022 година (понеделник), со почеток во 12.00 часот, во хотел Хилтон.
Панел дискусиитесе организирани со поддршка на Кралството Шведска преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС.