Најави
петок, 11 ноември 2022 08:37
Денеска во Брисел започнува билатералниот скрининг за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, а заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, ќе го предводи македонскиот преговарачки тим.
Членовите на Работната група за Поглавје 5, на билатералниот скрининг состанок, ќе им ја претстават на експертите од Европската комисија македонската законодавна рамка и нивото на усогласеност со правото на ЕУ во ова поглавје од преговарачкиот процес. Темите и областите опфатени во ова поглавје се однесуваат на општите принципи на јавните набавки, регулирањето на јавните набавки во општиот сектор, во областите на социјалната политика, животната средина, малите и средни претпријатија, иновациите, одбраната, концесиите, набавката на лекови, електронските јавни набавки, како и на меѓународните аспекти во оваа област.
Надлежна институција за ова поглавје е Министерството за финансии, односно Бирото за јавни набавки, а работната група е предводена од државниот советник во Бирото за јавни набавки, Александар Аргировски.
Објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавје 5 од Кластер 1, „Фундаментални вредности“, се одржа на 15 септември, со кое всушност започна скрининг процесот. Делегацијата на Европската комисија на тој состанок го презентираше правното законодавство на ЕУ во областа на јавните набавки, односно беа објаснети новините во европската регулатива од 2018/2019 до денес.
Една од основните цели на скринингот е да се утврди разликата што постои во секое од преговарачките поглавја, меѓу законодавството на земјата кандидат и правото на ЕУ. По анализата се очекува државата кандидат да покаже дали ќе може да го прифати правото на ЕУ во одредено поглавје и да ги усогласи забележаните разлики во законодавството или има намера да побара одредени преодни периоди за целосно усогласување и примена законодавството.
Северна Македонија иако заедно со Албанија ги започна преговорите со Европската Унија и заеднички ги следат објаснувачките скрининг состаноци, за билатералниот скрининг се одделуваат и секоја земја продолжува засебно да ја води оваа фаза од скринингот.
Според календарот на Европската комисија скрининг-процесот за Република Северна Македонија предвиден е да трае до крајот на ноември 2023 година.
На првиот состанок од билатералниот скрининг исто така присутни ќе бидат и заменик преговарачот и државен секретар Дрита Абдиу- Халили и Зулфи Исмаили амбасадор во постојаната Мисија на Северна Македонија при ЕУ со седиште во Брисел.