Најави
среда, 05 октомври 2022 12:52
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, од денеска е во дводневна работна посета на Стразбур, по повод одржувањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ во Европскиот парламент ќе има свое обраќање по точката: „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, заедно со министерот за европски прашања на Република Чешка, Микулаш Бек, Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Елза Фeнет, раководителката на Одделот „Западен Балкан“ во Европската служба за надворешни работи и европратеникот и постојан известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
Во рамки на посетата вицепремиерот Маричиќ ќе оствари средби со ко-претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, Андреас Шидер, со словенечката пратеничката во Европскиот парламент и координаторка на неформална група „Пријатели на Северна Македонија, Ирена Јовева, со Тинеке Стрик од холандската „Зелени“ и Матијаж Немец.
Отворањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ ќе биде од страна на Андреас Шидер и Соња Мираковска, копретседавачи на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-ЕУ, а покрај точката „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, точки на дневен ред ќе бидат и владеење на правото: борба против организираниот криминал и корупцијата, граѓанско општество и медиуми, енергетската криза и животна средина, добрососедски односи и регионална соработка и извештајот за дијалогот Жан Моне.