Најави
понеделник, 16 мај 2022 08:19
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, денес ќе учествува на седмиот годишен Форум на макро-регионалната стратегија на ЕУ за јадранскиот и јонскиот регион (EUSAIR), кој ќе се одржи во Тирана, Албанија.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ ќе биде дел од заедничкиот состанок на министрите задолжени за фондовите на ЕУ, членките на ЕУСАИР и министрите одговорни за ЕУ, на кој ќе ги разменат добрите практики, ќе ја споделат политичката визија и насоката на спроведувањето на ЕУСАИР.
Вицепремиерот Маричиќ ќе биде говорник и на панел-дискусија посветена на европска интеграција на Западен Балкан и Зелената агенда. Маричиќ во рамки на Форумот ќе оствари билатерална средба со заменик министерот за надворешни работи и меѓународна соработка во италијанското МНР, Бенедето Дела Ведова.
ЕУСАИР е една од четирите макро-регионални стратегии на ЕУ, покрај Стратегијата на ЕУ за регионот на Балтичкото море која опфаќа десет земји: четири земји-членки на Европската Унија и тоа: Хрватска, Грција, Италија, Словенија и шест земји кои не се членки на ЕУ: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Сан Марино.
Општата цел на ЕУСАИР е да промовира економски и социјален просперитет и раст во регионот, преку подобрување на неговата атрактивност, конкурентност и поврзаност. Стратегијата исто така има за цел да придонесе за понатамошна интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
На годинешниот 7-ми Форум Албанија претседателството ќе го предаде на Босна и Херцеговина.