Новости
понеделник, 15 април 2013 16:55
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими и членовите на Управувачкиот комитет за изборна реформа денес ја одржаа четвртата средба на Комитетот. Целта на средбата беше разгледување на првичните наоди и заклучоци од ОБСЕ/ОДИХР во врска со локалните избори 2013 година како и утврдување на активностите во наредниот период во согласност со Пристапниот Дијалог на Високо Ниво.
На средбата беа презентирани досегашните активности на двете работни групи формирани во рамките на Управувачкиот комитет за измена на изборното законодавство и за проверка на Избирачкиот список.
Беше договорено дека двете работнит групи кои се формираа по првиот состанок на Управувачкиот комитет во рамки на Министерството за правда за измена на изборното законодавство и во рамките на Државната изборна комисија за проверка на Избирачкиот список да продолжат со нивната работа. Работните групи ќе ги земаат во предвид препораките на конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР вклучувајќи и тие што ќе се објават по завршувањето на локалните избори 2013 со цел понатамошно унапредување на изборната реформа преку транспарентен и инклузивен консултативен процес.
Управувачкиот комитет за изборна реформа беше формиран во февруари 2012 со цел адресирање на препораките од Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори во 2011 година во насока на подобрување на изборниот процес, а во него членуваат претставници на релевантните државни институции, невладиниот сектор и меѓународната заедница.
Управувачкиот комитет редовно ќе одржува состаноци и во наредниот период со цел да се следат активностите кои ќе се превземаат од Работните Групи за промоција на Изборната Реформа притoа имајќи ја предвид важноста за испорачување на позитивни резултати во пресрет на одлуката на Советот во јуни како и на Извештајот за напредокот на Република Македонија што се очекува да биде објавен во октомври.