Новости
вторник, 29 март 2016 15:11
Секретаријатот за европски прашања денес одржа состанок на Второто ниво на Националниот инвестициски комитет (НИК). Состанокот го претседаваше државниот секретар Ана Блажеска и на истиот учествуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, од меѓународните финансиски институции, билатералните партнери и донаторската заедница со постојана мисија во Република Македонија.
Од страна на Министерство за транспорт и врски беше претставен проектниот предлог грант во рамки на вториот повик за Инвестициски грантови преку Инвестициската рамка за земјите од Западен Балкан 2016 (WBIF 2016), Изградба на железничка пруга Коридор 8 фаза 2 (градежните работи за делницата Бељаковце - Крива Паланка - 34km ). Предлог проектот е еден од приоритетните во Единствениот список на проекти на Република Македонија кој се состои од вкупно 120 инфраструктурни проекти.
Националниот инвестициски комитет (НИК) е советодавно тело во кое на транспарентен начин се дискутира за стратешки инфраструктурни проекти, со цел преку експертска размена на мислења на претставниците од македонската страна и меѓународните институции да се постигне поголема координација на сите страни кои се заинтересирани за финансирање на инвестициските проекти во секторите транспорт, енергетика, социјала и животна средина.