Новости
петок, 18 март 2016 15:28
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими престојува во работна посета на Република Австрија. Вицепремиерот Бесими оствари средба со министерот за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија, г. Себастијан Курц.
Поддршката од страна на Австрија е од суштинско значење за Република Македонија, истата e зајакната и со донесувањето на Акцискиот план Австрија-Македонија, во текот на Вашата посета на земјата во февруари, рече Вицепремиерот Бесими. Билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Австрија се карактеризираат со пријателство и разбирање и динамичен дијалог на високо ниво. Двете страни покажуваат интерес за постојано унапредување на односите и на соработката во голем број на области.
На средбата се разговараше и за евроинтегративниот процес на земјата. Австрија е една од земјите Пријатели на Македонија и дава заложба за европската перспектива, како на Македонија, така и на регионот. Македонија треба да напредува во претпристапниот процес, бидејќи отпочнувањето на преговорите е најдобар инструмент за разрешување на клучните предизвици, истакна Бесими.
Во текот на разговорот Вицепремиерот Бесими се осврна на развојот на политичката состојба во Македонија и потсети на заложбата на земјата за целосно исполнување на политичкиот договор од јуни минатата година. Исто така, тој ги потенцираше и напорите на земјата за отворена соработка со ЕУ при справувањето со мигрантската криза со што покажа дека е сериозен партнер на Унијата. Република Македонија го поддржува заедничкиот, координиран и сеопфатен европски пристап во управувањето со бегалската криза.
Вицепремиерот Бесими и министерот Курц изразија задоволство за продолжувањето на соработката меѓу Република Австрија и Република Македонија.
За време на посетата, Вицепремиерот Бесими одржа и предавање на Дипломатската академија во Виена на тема: „Интеграцијата на Македонија во ЕУ: предизвици и како понататаму”