Новости
понеделник, 14 март 2016 13:05
Денеска, 14 март во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово Секретаријатот за европски прашања во соработка со Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност, одржаа презентација за Програмите на Унијата, поточно програмата - ” Еразмус +”.
На настанот свое обраќање имаа Вицепремиерот д-р Фатмир Бесими, Директорот на Агенцијата за европски образовни програми г. Дарко Димитров, како и Проректорот за меѓународна соработка на Универзитетот д-р Блерим Река.
На почетокот од своето предавање вицепремиерот Бесими истакна дека Програмите на Унијата претставуваат интегриран сет на активности усвоен од ЕУ со цел зголемување на соработката помеѓу земјите членики и европските земји кои не се членки, за подобро да се запознаат со методите и политиките на ЕУ и со тоа да се овозможи размена на искуства и добри практики.
Република Македонија беше дел од Програми на Унијта 2007-2013, учеството на Република Македонија во Програми на Унијата 2014-2020 претставуваат логично продолжение.
Програмите на унијата претставуваат отворена врата кон дополнителни ЕУ фондови и можности кои се многу поголеми од Националниот ИПА пакет од околу 664 милиони евра.
За Програмите на Унијата (период 2007-2013) е уплатено на име влезен билет околу 11,3 милиони евра од кои околу 8 милиони од средствата на ИПА, а околу 3 милиони евра од Буџетот на РМ.
Нашите институции и организации, како координатори на проекти, партнери или само учесници, искористиле околу 21,5 милиони евра во околу 800 проекти во различни области.
Со ангажман на Секретаријатот за европски прашања, Република Македонија покрај Еразмус + програмата до сега ги има потпишано Договорите за Пристапување и за следните програми: Креативна Европа-Култура; Креативна Европа-Медиа; КОСМЕ; Фискалис; Царина; Европа за граѓаните; Програмата Вработување и социјални иновации и Механизмот за цивилна заштита.
Во 2015 во рамки на овие инструменти се одобрени 166 проекти и тоа: 20 ХОРИЗОНТ 2020;7 Европа за граѓани; 86 ЕРАЗМУС +;1 КОСМЕ;10 Креативна Европа -КУЛТУРА ;23 ФИСКАЛИС;21 ЦАРИНА, информираше Бесими.
За илустрација во 2015 година во рамки на програмата Еразмус + во Република Македонија се одобрија 86 проекти во износ од 4.298.917,00 евра додека за 2016 година износот на доделени средства за програмата Еразмус + за Република Македонија се поголеми и ќе изнесуваат околу 5.000.000,00 евра, за нив може да аплицираат ученици, студенти, наставници, професори, обучувачи и друг персонал кој е вклучен во било кој дел од образовниот процес, како и претпријатија, здруженија на граѓани, фондации.
За време на предавањето вицепремиерот Бесими посочи дека - Еразмус + прави клучен придонес во образованието, обуката, мобилноста и неформалното учење на младите кои се клучни за создавање на работни места и подобрување на конкурентноста на пазарот за труд, размена на искуства и споделување на евроспките вредности. Оваа програма го модернизира образованието, обуката и младинска работа во Европа и на тој начин обезбедува можност за младите луѓе од Република Македонија да учествуваат подеднакво во сите програми и активности како и нивните државјани на ЕУ.
Пред одржувањето на предавањето на Универзитетот на Југоисточна Европа вицепремиерот Бесими оствари посета на медицинското училиште Никола Штејн, кое претставува пример за успешен проект на размена на искуства и практика во рамки на програмата Еразмус + преку која 30 ученици имаа обука и пракса во Болница која претставува дел од пензионерски дом во Цеље, Словенија.