Новости
петок, 11 март 2016 12:17
Во фокусот на денешното интервју со вицепремиерот Бесими е динамиката на евроинтеграцискиот процес во период кога Република Македонија се соочува со политичка и мигрантска криза. Вицепремиерот Бесими зборува за максималните напори што се вложуваат за исполнување на реформите кои произлегоа од Извештајот на ЕК за напредокот, но и оние од Извештајот на Прибе и Пржинскиот договор. Бесими најавува дека на Денот на ЕУ со научна конференција за искуствата на Македонија и перспективите за нашите европски интеграции во организација на СЕП и МАНУ ќе биде одбележан јубилејот 20 години од првиот договор што Македонија го има со ЕУ и 20 години од основањето на првата организациона единица за европски прашања во Владата на Република Македонија.
Господине Бесими, со која динамика се реализираат активностите поврзани со евроинтеграцискиот процес на земјата, по последниот Извештај за напредокот, чија содржина беше условена и од политичката криза во земјата?
- Евроинтеграцискиот процес е исклучително важен за Македонија и според тоа и реформите што се предвидени во тие процеси. Инаку, во повеќе наврати досега споменав и тоа би сакал да го кажам уште еднаш, политичката клима во земјата и тоа што се случуваше во Република Македонија во овој период секако дека влијае врз динамиката на овој процес и врз квалитетот. И не е случајно, ние оваа година добивме Извештај со условена препорака, пред се, за надминување на политичката криза, а исто така во однос на спроведувањето на итните реформски приоритети. Значи, јас тоа би го ставил во контекст на успешното надминување на политичката криза и динамиката на процесот на евроинтеграции. Едно е реформскиот процес, законите и тоа што треба да се направи. Меѓутоа, овој процес има уште неколку аспекти. Првиот, тој треба да биде транспарентен. Ние во овој период имаме неколку иницијативи за зголемување на транспарентноста, објавување на искористеноста за ИПА средствата од ЕУ, меѓутоа и објавување на НПАА прoграмата, исто и објавување на Акцискиот план за имплементација на итните реформски приоритети. И вториот момент е инклузивноста, инклузивноста во однос на сите институции и во однос на политичкиот спектар позиција – опозиција, инклузивност во однос на граѓанскиот сектор.
Сите се вклучени во разни дебати и дискусии и, исто така, последно е она што го најавивме со Советот за евроинтеграции со МАНУ. На тој начин ќе се вклучи и академската заедница преку МАНУ и универзитетите и ќе имаме повеќе дискусии и вклученост во самиот процес на евроинтеграција и ќе го зголемиме квалитетот. Младите исто така ни се цел. Имаме разни кампањи за вклученост на младите преку дебати на студентите за разни теми, меѓутоа и на помладите од средните училишта и од основните – запознавање со европските вредности. Влез во ЕУ не значи само менување закони, туку тоа е и еден процес на влез со наши традиционални вредности, културни вредности. Меѓутоа, тоа ќе значи и европските вредности да се прифатат во нашето општество како норма на едно демократско развиено општество. Ова се многу значајни моменти за квалитетот и за унапредување на нашиот менталитет кон тој на ЕУ, на почитување на диверзитетот, кон почитување на демократските вредности и всушност тогаш би требало да се смета дека сме дел од исто семејство каде што има една фер, отворена конкуренција врз основа на транспарентни и еднакви принципи што ќе важат за сите нас. Инаку, оваа година Секретаријатот за европски прашања и Македонија ќе одбележат еден јубилеј - 20 години од првиот договор што Македонија го има со ЕУ и 20 години од основањето на првата организациона единица за европски прашања во Владата на Република Македонија. Во рамки на активностите за одбележување на Денот на ЕУ, планираме научна конференција заедно со МАНУ и тоа во однос на искуствата на Македонија и перспективите за нашите европски интеграции.
Изборите на инсистирање на опозицијата и барање на меѓународната заедница беа одложени за 5 јуни, што повторно влијаеше на спроведувањето на реформите. Колку продолжувањето на политичката нестабилност во земјата влијае врз евроинтеграцискиот процес?
- Политичката состојба, како што споменав има влијание врз текот и квалитетот на реформите, пред се, затоа што фокусот е на политичките состојби во земјата. Исто така тоа влијае врз капацитетот на домашните институции кои се важни за целиот процес на реформи. Кога зборуваме за реформи, тука сакам да ставам акцент на тоа дека реформите се важни за граѓаните, за нас самите, за Република Македонија, а не се само дел од пополнување на некои формулари во Брисел, за кои Брисел би рекол Македонија е подготвена да продолжи со преговори или не туку тие се исклучително важни за нас, за демократските принципи да функционираат во Република Македонија.
Вклучително со тоа и изборите станаа дел од условите што Република Македонија ги има во самиот процес на реформи односно во процесот на евроинтеграции. Исклучително е важно што побрзо да се реализираат реформите со цел да можеме што повеќе да се фокусираме на реформите, но исто така и во однос на економската активност односно инвестициите. Кога го спомнувам ова во контекст на динамиката на изборниот процес, секако имам предвид дека тие треба да бидат целосно според меѓународните стандарди, демократските принципи кои ги налагаат ЕУ, како и меѓународните изборни стандарди затоа што изборниот процес треба да биде фер, демократски и инклузивен и да ја изрази волјата на граѓаните. Избраните да имаат целосен легитимитет и легалитет и да имаме стабилна Влада, која потоа ќе може да спроведе реформи и да ја забрза динамиката на економски раст на земјата.
Како се одвива процесот на имплементација на активностите кои беа предвидени за спроведување на реформите по последниот Извештај за напредокот?
- Ние во меѓувреме се обидовме максимално да го дадеме нашиот придонес во однос на тоа да нема застој во реформите. Првично се направи согледување на целиот Извештај во однос на препораките што ги добивме од ЕК, итните реформски приоритети, експертскиот или од Извештајот на Прибе како и Извештајот на ЕК, кој беше објавен на крајот на минатата година. Врз основа на тоа ние направивме еден Акциски план кој потоа беше споделен и со политичките партии од опозиција. Истиот е неколку пати дискутиран и со претставниците на граѓанскиот сектор. Врз основа на тоа се подготвуваше и пристапниот дијалог на високо ниво, кој прв пат се одржа минатата година по две години пауза. Имаше динамика во тој процес. Имавме неколку институционални посети, тематски било тоа да е во однос на владеење на демократските и фундаменталните права, медиумите, судството, јавна администрација, спречување на корупција и други институции кои сметаме дека влијаат врз реформскиот процес.
Тој документ не само што се разгледува редовно секоја недела на Влада како претточка - Агендата на итни реформски приоритети, имаме редовни министерски состаноци, комисии... Тој документ е јавен. Објавен е на веб-страната на Секретаријатот за европски прашања и секој може да има пристап во однос на статусот на имплементација на овие активности во врска со итните реформски приоритети. Во однос на целата ситуација исклучително е важно Република Македонија да покаже демократски и политички капацитет за нејзино надминување, но исто така и институционален капацитет за спроведување на целата Агенда на реформи. Во јуни очекуваме во Советот на ЕУ да се наврати, како што стои во Извештајот на ЕК, повторно со извештај за Република Македонија и важно е Македонија да покаже прогрес во овој период. И покрај политичките актуелности, реформите се важен чекор што се очекува од нас. А како еден од критериумите секако се наметнуваат изборите – значи, фер и демократски избори што се очекува да се реализираат во текот на оваа година.
Очекувате ли уште една препорака за Македонија и деблокирање на процесот?
- Оваа седма препорака е условена препорака. Доколку ние имаме, како што стои таму, успешна реализација на политичкиот договор, спроведување на демократски и фер, инклузивни избори, како и прогрес во однос на реформските приоритети, ние не би требало да се грижиме дали Македонија ќе има препорака. Меѓутоа, доколку ние заостанеме во која било од овие работи тогаш препораката може да биде под знак прашалник. Значи, пред нас имаме јасна агенда која треба да ја спроведеме и препораката ќе зависи од нас самите колку ние ќе бидеме успешни во реализацијата на сите овие услови што стојат пред нас: имплементација на политичкиот договор, успешни избори демократски и прогрес во идните реформски приоритети.
Едно од прашањата кое не беше затворено а е обврска од договорот од Пржино е она за медиумите. Официјално сега нема разговори за медиумите. Дали може да се очекува некакво поместување во врска со реформите во медиумскиот сектор?
- Тоа што би сакал да потенцирам во овој дел е доколку нешто може да се постигне и во овој состав на Собранието, да се усогласи, ќе се смета за важен прогрес. Но, процесот на реформи на медиумите треба да постои во континуитет. Тоа е важно прашање за Република Македонија, кое не е директно поврзано со изборите, туку, пред се, како основно фундаментално право на граѓаните во едно демократско општество. Слободата на изразување е еден од клучните или фундаменталните принципи на секоја демократија. И тоа е процес што постојано и во секоја демократска држава треба да се надградува. Македонија за жал неколку години во меѓународните извештаи не е рангирана на ниво на кое што ние би сакале да биде. Во овој период се направени неколку активности и, пред се, би сакал да споделам дека најголемите успеси се постигнати кога тоа е направено заеднички, на еден инклузивен начин со широка консултација со претставници на здруженијата на новинари, на медиумите и на сите државни институции.
Ова не е прашање што се решава само за еден месец или два, неколку години се во прашање. Прво ја направивме декриминализацијата на клеветата, се направи нов закон кој отиде на широка дискусија и беше усогласен согласно мислењето и препораките на Венецијанската комисија на Советот на Европа, како и во ЕК и со здруженијата на новинари. Во Јавниот сервис исто така се донесе Кодексот на етика согласно стандардите на Би-Би-Си. Во Изборниот законик има многу одредби во врска со регулирање на медиумската кампања за време на изборите. Владата направи прекин на владините кампањи. Во меѓувреме се работи на методологија која ќе биде потранспарентна и пообјективна постапка. Имаше разговори и со повеќе институции и претставници на здруженија на новинари, и претставници на медиумите во однос на тоа кои би биле идните промени што би требало да се направат. Значи, овој процес не е завршен и овој процес продолжува. Има работи кои се направени, има можност уште повеќе да се направат, но, пред се, е важна и самата имплементација на тоа што станува дел од законите.
Како, според Вас, се одвиваат подготовките за предвремените парламентарни избори?
- Важно е согласно Законот и методологиите што ги има, Државната изборна комисија (ДИК) професионално да си ја заврши работата. И тука влегува вкрстувањето на базите на податоци и создавање и прочистување или усогласување на еден прочистен Избирачки список. Дополнително, Избирачкиот список е објавен така што граѓаните можат да видат некои работи и да си појаснат, а секако после ова следи и за тие одредени случаи каде што има потреба од теренска контрола за да се верифицира. ДИК е надлежна согласно Законот за ова, а согласно Законот поддршка треба да дадат сите останати институции во овој процес и сметам дека тие треба да работат со цел да се постигнат роковите што се предвидени. Важно е да се почитуваат роковите, меѓутоа важен е и квалитетот на овој процес. Да имаме квалитетни избори. До 5 јуни се даде дополнителен рок и треба да се работи на надминување на сите прашања или проблеми кои евентуално би можеле да се појават.
Дали изборите ќе се одржат на 5 јуни?
- Институциите треба да направат се што е во рамките на нивните надлежности тие да се спроведат и да се оценат како фер и демократски.
Се уште останува отворено прашањето за спорот со јужниот сосед, што е една од главните причини за недобивање на препорака за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Во пресрет на самитот на НАТО во Варшава, можеме ли да очекуваме некакви поместувања во насока на решение?
- Ова е важно прашање кое и престои на Македонија и за преговорите во ЕУ и за членството во НАТО и веќе тоа е јасно подолго време. Важно е Македонија да биде проактивна и да покаже конструктивност во решавањето на ова отворено прашање со Грција. Не е едноставно, но сепак за Македонија е важно во овој процес да постигне решение кое ќе биде прифатливо и за Македонија и за Грција, кое ќе го отвори нашиот пат за членство во НАТО и ЕУ. Кога кажувам членство во НАТО и ЕУ го имам предвид тоа што тие значат за иднината на Република Македонија - значат поголема стабилност, подобра перспектива и позабрзан економски раст и подобар стандард за граѓаните. Тоа се работи за кои граѓаните се изјаснуваат во континуитет.
Важно е Македонија во тој процес да биде конструктивна. Сега, дали во овој период нешто ќе се направи со оглед на целата оваа ситуација што постои во Република Македонија со политичката состојба која одзема доста енергија? Ние треба да сме реални за тоа што во овој период може да се направи, но важно е Македонија во континуитет да биде проактивна во овој процес затоа што и нашиот пристап се оценува од земјите-членки на ЕУ.
Последната година Македонија се соочува со мигрантска криза која исто така влијае на одредени процеси, на нејзиниот имиџ во светот. Колку и дали мигрантската и бегалска криза влијае на евроинтеграцискиот процес?
- Не се директно поврзани, но важно е Македонија да покаже дека е земја која ги следи меѓународните стандарди за помагање на мигранти и дека ги следи одлуките на Брисел. Доколку некој смета дека ова ќе биде компензација за евроинтеграциските процеси и реформската агенда што треба да ја спроведеме или политичката состојба - не, тие не се супститути. Значи, во однос на тие критериуми што ги кажав – политичка ситуација, избори и реформи, и како се однесуваме со мигрантската криза, се посебно си има свое значење, но не може да биде супститут или компензација едно за друго. Македонија со секој дел од ова се цени посебно. Кога зборувам за бегалската криза и за балканската рута, Македонија се најде во првата линија на оваа балканска рута. После Грција тие преминуваат во Македонија и земјите од Балканот за да продолжат во Европа. Точно е дека во 2015 година околу 900.000 мигранти поминале низ Република Македонија и само од 2016 досега околу 90.000, значи некаде еден милион мигранти во овој период од скоро една година. Тоа се милион судбини, милион животи и затоа тука важен е, пред се, хуманитарниот аспект.
Македонија тука покажа дека е спремна да излезе во пресрет според сите меѓународни хуманитарни стандарди за менаџирање со бегалската криза и транзитот. Македонија и која било земја од регионот не можат да имаат унилатерални решенија. Значи, процесот е глобален и мора да има координирани активности или заеднички решенија на земјите од ЕУ, а со тоа и земјите од Балканот да го следат тоа. Важно е што имаше самит на којшто ЕУ со Турција договараа како да се стабилизира бројот на мигранти кои одат кон ЕУ и да се разјаснат критериумите и стандардите кој може да влезе. Друг аспект е дека е важно да се разграничат бегалците и економските мигранти. Значи, за бегалците никој не спори и притоа е важно да се направи добра регистрација и евиденција за да може да се разграничат. Инаку, кое било друго затворање на границите само би можело да значи зголемување на нелегалното тргување со мигранти, како и зголемување на ризикот за најосетливи категории, како што се децата и жените помеѓу мигрантите. Македонија ќе продолжи да биде партнер во надминување на мигрантската криза, но важно е да има координирани и заеднички активности во рамките на ЕУ и земјите од Западен Балкан.
Земјите од ЕУ ги затворија границите за мигрантите, а со тоа и државите од балканската рута. Постои ли опасност мигрантите кои чекаат на Идомени да се прелеат во Македонија и што во тој случај?
- На самата граница се присутни претставници на мисијата на ЕУ Фронтекс, има исто така и гранична контрола од неколку земји од ЕУ. И тоа ние го баравме со цел да ни помогнат во однос на граничната контрола и затоа е важно кога кажувам да има континуирани и заеднички активности. Доколку успешно се реализира тоа што во Брисел го договорија во текот на неделата ЕУ и Турција, потоа наредниот ден Ципрас и Давутоглу во однос на мигрантите, ќе се реши и ова во Идомени. И наредната недела повторно во ЕУ на Самит ќе се дискутира за ова и за шенгенот. Важно е да има координирани активности затоа што со секој ден пролонгирање расте неизвесноста и фрустрациите меѓу бегалците и веројатноста за инциденти. Македонија во овој случај е само дел од целиот синџир од Балканот до ЕУ. Значи, тоа е каскадно. Јас сакам да бидам реалист. Секогаш постојат ризици за вакви тензични ситуации или инциденти. Мислам дека земјите од ЕУ ќе успеат тоа што е договорено да го спроведат и ќе се минимизираат вакви ризици. Инаку, реално состојбата во самиот камп во Идомени е на ниво што треба да не загрижува сите и треба да има брзо решение.
Што ќе се случи со оние над 1.400 мигранти кои се во нашата земја?
Тие треба да бидат дел од тоа што е договорено во ЕУ во Брисел. Доколку функционира тој договор, економските мигранти ќе се враќаат. Треба да се дефинира нивниот статус. Доколку се бегалци кои доаѓаат од огнени жаришта, тие имаат статус на бегалци и се прифаќаат во ЕУ и ќе го следат тој пат. Но, во никој случај не треба да го заборавиме хуманиот аспект и фактот дека бегалците не се криминалци и нивното згрижување претставува фундаментално човеково право.
Колку помош има Македонија досега добиено за потребите во врска со мигрантската криза?
Минатата година ние почнавме процес на координација на една конференција исклучиво за бегалската криза за да имаме подобра слика за потребите и поефикасно да се менаџира поддршката. Минатата година имаше околу 20 милиони евра поддршка, од кои 10,5 се од ЕУ, 5,3 од нив се за меѓународни организации за хуманитарна поддршка кои се реализираа и 5,2 милиони евра се за опрема и други работи што требаат директно на терен. Во тек се процедурите на ЕУ за нивна набавка. Инаку, во 2016 има околу 40 милиони евра најавена помош, од кои 10 милиони евра се од ЕУ како специјална поддршка во однос на бегалците. Тоа беше во февруари одобрено во Брисел, сега се очекува од март тие да бидат ефективни. Од поддршката што ни ја дава ЕУ за периодот 2007-2020, вклучително и ИПА 1 и ИПА 2, околу 50 милиони евра се за интегрирана гранична контрола, за контрола на границите, како и за политиките за азил, но тие се системски решенија. Тоа се работи што Македонија треба да ги има за да биде дел од шенген и да има еден интегриран систем на контрола и да може да ја спроведе политиката на азил онака како што е во земјите од ЕУ.
Колкава е искористеноста на средствата од ИПА фондовите во Македонија? Дали овој процент се зголемува, што се презема за тоа и за што најмногу се трошат средствата?
ИПА е една системска поддршка која ЕУ им ја дава на земјите-кандидати. Македонија е меѓу првите што има користено средства од ИПА. Во периодот 2007-2014 средствата од ИПА беа во износ од 614 милиони евра за Македонија и со нив се поддржуваа, пред се, областите од реформската агенда, фундаментални права, владеење на правото, судство и јавна администрација, финансиско и економско управување, како и во однос на економскиот развој, добрососедски односи и друго. Ние во овој период покрај тоа што ги користиме овие средства имавме и неколку цели. Прво, да формираме наши капацитети, наши институции каде што ќе се спроведат дел од ИПА средствата и во иднина структурните фондови од ЕУ. Веќе има над 360 државни службеници кои се вклучени во разни институции во ИПА структурата. Од 614 милиони, досега се склучени 960 договори од сите институции.
Искористеноста во овој период достигна ниво од 61,8 проценти, во 2013 беше околу 34,5 проценти, а на крајот на 2014 година беше 44,2 отсто.Остануваат уште 97 милиони од ИПА 1 за искористување до крај на 2017 година. Доколку се реализираат би можеле да стигнеме до околу 75 отсто искористеност на ниво на цела ИПА 2007-2014. Склучивме и нов договор за ИПА 2 за периодот 2014-2020 со 645 милиони евра. Програмирана е 2014 и 2015 година, при крај е програмирањето на 2016 година во рамките на ИПА 2 и веќе оваа година почнува реализација на првите проекти од ИПА 2. Исто така ја зголемивме транспарентноста во однос на искористеност на ИПА. Веќе е поставена пракса при крај на секоја година да даваме извештај за се што е реализирано во рамките на ИПА. Имаме и Акциски план како да ги надминеме слабостите и како да ја подобриме искористеноста на овие средства во наредниот период.
Елизабета Вељаноска Најдеска - МИА