Новости
среда, 09 март 2016 11:51
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г-дин Фатмир Бесими, денес, 09 март 2016, оствари работна средба со Генералниот секретар во министерството за надворешни работи на Република Италија г-дин Микеле Валенсизе.
На средбата беа истакнати одлучните билатерални односи помеѓу двете земји, а беше истакната отворената и искрена поддршка на Република Италија за нашите Евроатлантски аспирации, каде што се потенцираше ставот на Италија дека процесот на проширување на ЕУ нема да биде комплетен, без приклучување на сите земји од Западен Балкан.
За време на средбата стана збор и за актуелната политичка состојба во земјата, при што вицепремиерот Бесими ја истакна важноста за користење на наредниот период за исполнување на сите потребни предуслови за организирање на фер и демократски избори, согласно меѓународните стандарди.
Во однос на обврските на земјата во евроинтегративниот процес, Бесими говореше за реализацијата на Итните реформски приоритети, кои се особено значајни, имајќи предвид дека по одржувањето на изборите, земјата ќе добие уште еден Извештај од Европската комисија врз основа на што ќе се одреди понатамошната перспектива на Македонија.
Во однос на мигрантската криза, соговорниците се осврнаа на последните заклучоци од Самитот на ЕУ и Турција, како и потребата од конкретен напредок во имплементацијата на договореното. Двајцата ја истакнаа важноста за усогласена и ефективна политика во рамките на сите земји на ЕУ, со акцент на принципот на солидарност во справувањето со кризата, при што Македонија ќе продолжи да биде конструктивен партнер во целиот процес.
Во таа насока, вицепремиерот Бесими изрази благодарност за финасиската помош на Република Италија за нашата земја за соодветно справување со мигрантската криза, како и за поддршката за спречување на поплави преку ИПА Регионалната Програма за Спречување, подготвеност и реакција на поплавите во Западен Балкан и Турција.