Новости
понеделник, 29 февруари 2016 12:15
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, д-р Фатмир Бесими денес оствари средба со висока делегација од Комисијата за европски прашања на холандскиот парламент, предводена од претседателот на Комисијата, г. Малик Азмани. Во придружба на делегацијата беше и амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, г. Вилем Вутер Пломп.
Вицепремиерот Бесими упати честитки за холандското преземање на претседателството на ЕУ и изрази надеж дека досегашната соработка меѓу Холандија и Македонија ќе продолжи, и дека Холандија и понатаму ќе ги поддржува евроатлантските аспирации на земјата.
На средбата Вицепремиерот Бесими се осврна на активностите кои се реализирани во рамките на итните реформски приоритети во областите на судство, следење на комуникациите, борбата против корупција и организиран криминал, реформите во јавната администрација и изборните реформи, медиумите и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тој истакна дека итните реформски приоритети и понатаму остануваат во фокусот и посветено ќе се работи на нивно реализирање.
Во однос на справувањето со мигрантската криза, Бесими истакна дека во Македонија мигрантите се третираат на целосно хуман начин, почитувајќи ги сите меѓународни правни обврски, во целосна координација со политиките на ЕУ.
Билатералната соработка помеѓу Холандија и Македонија се одвива во рамките на неколку проекти, и тоа преку донаторска помош, обуките од МАТРА, ЦДАД проекти, програмата ОРИО, како и твининг со партнери од Холандија.