Новости
четврток, 18 февруари 2016 13:41
Во просториите на Секретаријатот за европски прашања денес, 18 февруари 2016 година во 10:30 часот, се одржа презентација на Програмите на Унијата, како ЕУ инструмент на поддршка. Настанот го отворија Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, г. Михаел Самец, од Германското друштво за развојна соработка- ГИЗ и г. Мартин Клауке, од Делегацијата на Европската унија.
Во своето воведно обраќање Вицепремиерот го истакна значењето на Програмите на унијата за Република Македонија како можност за надоградување на европските вредности за нашето општество, реализацијата на реформите од европската агенда преку унапредување на инклузивноста, социјалната кохезија, активното граѓанство и создавањето на подобри можности за сите.
При тоа се потенцира финансиската поддршка од Европската Унија за нашиот напредок и беше истакнато дека за Програмите на Унијата (период 2007-2013), уплатени се околу 11,3 милиони евра за влезен билет од кои околу 8 милиони од средствата на ИПА, а околу 3 милиони евра од Буџетот на РМ.
Нашите институции и организации, како координатори на проекти, партнери или само учесници, имаат искористено околу 21,5 милиони евра во околу 800 проекти во различни области.
Во рамки на тековниот Програмски период 2014-2020 до 2015 година, во рамки на овие инструменти се одобрени 166 проекти и тоа: 20 ХОРИЗОНТ 2020, 7 Европа за граѓани, 84 ЕРАЗМУС, 1 КОСМЕ, 10 КУЛТУРА, 23 ФИСКАЛИС и 21 ЦАРИНА.
Вицепремиерот Бесими ја издвои програмата Еразмус плус, за чие користење беа поднесени вкупно 316 апликации за проекти во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, од кои 84 проекти беа одобрени.
Со ангажман на Секретаријатот за европски прашања, Република Македонија до сега ги има потпишано Договорите за Пристапување за следните програми: Еразмус, Хоризонт 2020, Креативна Европа-Култура, МЕДИА, КОСМЕ, Фискалис, Царина, Европа за граѓаните, Програмата Вработување и социјални иновации и Механизмот за цивилна заштита.
Програмите на Унијата ја опфаќаат скоро секоја област на социо-економскиот живот на европските граѓани: образование, култура, млади, медиуми, социјални прашања, развој на мали и средни претпријатија, животна средина, транспорт, јавно здравје, правна соработка, борба против насилството, криминал, тероризам, информатичко општество, царина и даноци.