Новости
понеделник, 01 февруари 2016 15:35
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, денеска 01 февруари, беше во еднодневна работна посета на Република Турција, при што оствари работна средба со министерот за европски прашања и главен преговарач за членство на Турција во ЕУ, г-дин Волкан Бозкир.
Вицепремиерот Бесими ги истакна одличните пријателски билатерални односи помеѓу Република Македонија и Република Турција и изрази интерес за понатамошното продлабочување на соработката на теми од взаемен интерес.
Бесими истакна дека Македонија прави континуирани напори за реализација на препораките кои произлегуваат од последниот Извештај на Европската комисија за Република Македонија и итните реформски приоритети и создавање поволна политичка клима за спроведување на претстојните парламентарни избори.
Во фокус на разговорите беше актуелната мигрантска криза и координацијата на активностите на линијата на западнобалканската патека. Бесими потенцираше дека Македонија како транзитна земја, мигрантите/бегалците ги третира на хуман начин практикувајќи ги сите меѓународни правни обврски и е отворена за соработка и координиран пристап.
Соговорниците се согласија дека Турција има клучна улога во тековната мигрантска криза и несомнено претставува мост помеѓу овој глобален проблем и можните решенија. Координацијата на активностите со Европската унија во врска со оваа криза, треба што поскоро да покаже конкретни резултати.
На крајот на средбата вицепремиерот Бесими потенцираше дека Република Турција е еден од нашите најблиски партнери и подржувачи во процесот на евро атлантските интеграции.
Соговорниците се согласија за конкретна имплементација на постојниот Протокол за соработка во областа на евроинтеграција, вклучително и користењето на ЕУ фондовите преку ИПА и размена на искуства за системот на имплементација на истите.