Новости
вторник, 29 декември 2015 12:15
Скопје, 29 декември 2015 (МИА) – Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими во рамки на неговите институционални посети во контекст на идните реформски приоритети на Македонија денеска е во посета на Државната комисија за спречување корупција.
Како што изјави Бесими пред состанокот, на средба со претседателот на Државната комисија за спречување корупција Горан Миленков ќе разговараат во делот на ингеренциите и препораките што произлегуваат во оваа област, која влегува и во Извештајот на Европската комисија.
- Целта на средбите е на почетокот од наредната година да имаме пресек на досегашните активности во однос на сите реформски приоритети кои се очекуват од Република Македонија, посочи Бесими.
Претседателот на ДКСК Миленков изјави дека Комисијата во целост ги има исполнето сите мерки што и биле укажани од Секретаријатот за европски прашања, односно планот за реформски активности.
- Почнувајќи од јули со отпочнување на донесување на регистерот за избрани и именувани лица каде дојде до измена и дополнување на законот, потоа донесување на соодветните акти - правилници и упатства, преку методологија за антикорупциска проценка на легислативата и финиширавме во предвидениот рок овој декември, со донесување на Националната програма 2016-2019 година како национален стратешки документ за превенција и спречување на корупцијата, рече Миленков.
Сите овие активности Миленков ќе ги презентира на денешната работна средба со вицепремиерот Бесими. вг/сст/11:00