Новости
среда, 23 декември 2015 13:50
Реализација на идните реформски приоритети согласно последниот извештај од Европската комисија, особено на оние што се забелешка во извештајот на Прибе, е темата во фокусот на разговорите на денешната работна средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими во МВР.
Како што изјави пред средбата Спасовски, во МВР се најзаинтересирани за делот што се однесува на следење на комуникациите.
- Следењето на комуникациите да биде уредено по најдобрата европска пракса, со носење нов закон за следење комуникации, во кој ќе се дадат механизми за контрола и навистина ќе имаме систем кој ќе може нормално да функционира за потребите на РМ, а притоа да не биде злоупотребен, рече Спасовски.
Според него, значајна тема е и неселективната борба против корупцијата и криминалот во земјата.
Тој најави дека ќе се разговара и за формирање посебен оперативно-технички центар за организираниот криминал.
- Една од клучните забелешки е да направиме професионализација, декриминализација и департизација на МВР, истакна Спасовски.
Вицепремиерот Бесими оцени дека согласно последниот извештај на Европската комисија, важно е на вакви состаноци да се разговара поконкретно во однос на препораките за идните реформски приоритети, но и за она што е направено во изминатиотг период во МВР. Бесими најави дека на средбата ќе се разговара за делот на комуникациите, како и за надлежностите кои произлегуваат од Изборниот законик и гласачкиот список, но и за другите препораки што се однесуваат на надлежностите на МВР.
(Извор МИА)