Новости
петок, 11 декември 2015 15:46
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р. Фатмир Бесими, заедно со Амбасадорот и Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Аиво Орав, во пресрет на претстојните состаноци на Советот на ЕУ и Европскиот совет, кои се одржуваат во текот на следната недела во Брисел, реализираше работна средба со Амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
На средбата Вицепремиерот Бесими, накусо се осврна на последниот Извештај на ЕК за земјата и при тоа информираше за преземените конкретни активности и планираните активности на Владата за пресретнување на препораките од Извештајот, вклучително и напредокот во имплементацијата на Итните реформски приоритети. Исто така, од страна на Вицепремиерот беше истакнато дека голем дел од политички договорените обврски се реализирани или се во тек на реализација. Иако реално постојат и одредени отворени прашања за кој се уште се разговара, политичката волја е круцијална за финализација на обврските и влегување во фаза на конкретни подготовки за организација на парламентарните избори, планирани за следниот април.
Од страна на Амбасадорот Орав и амбасадори од земјите членки на ЕУ, беше покажан интерес за целосната имплементација на Политичкиот договор од јуни/јули, како и видливи резултати и напредок во реализацијата на Итните реформски приоритети. Посебен интерес побудува формирањето на Државната изборна комисија, нејзиниот почеток со работа и навремената организација на изборите, вклучително и подготовката на Изборните списоци.
Како резултат од отворената и пријателска дискусија во текот на средбата, за наредниот период, беа договорени редовни и тематски брифинзи за напредокот во реализацијата на Итните реформски приоритети, со цел детално и навремено информирање на земјите членки и ЕУ институциите за нашиот напредок.