Хронологија
Што по предавањето на одговорите?
Официјална делегација на Република Македонија, што ја предводеше Претседателот на Владата нa РМ Владо Бучковски, на 14 февруари 2005, му ги предаде одговорите на Претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо.
По анализата на одговорите и прибирањето информации од други извори Европската комисија изготвува мислење ( avis ) кое го доставува до Советот на Европската унија. Оваа институција позната и како Совет на министри која е водечко одлучувачко тело на Унијата потоа поднесува предлог до Европскиот Совет за тоа дали државата да се стекне со статус на кандидат и дали да отпочне преговори за членство. Европскиот Совет се среќава на секои шест месеци на ниво на шефови на држави и влади.
Што е прашалникот?
Прашалникот претставува форма (алатка) преку која Европската комисија прибира податоци за степенот во кој земјата е подготвена за членство во Европската Унија, а пред се за отпочнување на преговори за членство. Тоа практично значи согледување за вкупните општествени перформанси за земјата апликант. Притоа, Прашалникот е веќе востановен инструмент и пракса и преку кој се детектираат позитивните и негативните страни на земјата апликант.
Процесот на одговарање
Владата на Република Македонија си постави рок да одговори на прашањата за не повеќе од четири месеци. Со усвојувањето на одговорите од Владата, на седница на 24 јануари, процесот заврши дури и порано од предвиденото. Претходно сите подготовки беа навремено завршени. Беа воспоставени посебни структури задолжени за процесот на одговарање на Прашалникот, а Владата донесе Упатство, така што сите задачи беа точно определени вклучувајќи и единствени правила за одговарање.
Исклучително е важно да се сфати дека одговорањето на Прашалникот на ЕК е процес. Тоа значи дека работа на Комисијата не завршува по доставувањето на прашањата, ниту пак завршува работата на земјата апликант врз одговорите откако ќе ги достави до Комисијата. Постои можност земјата апликант да побара дополнителни објаснувања од Комисијата и насоки за одговарање. Од друга страна, вообичаено е и Комисијата да достави дополнителни прашања доколку смета дека се потребни дополнителни податоци или појаснувања по некое прашање.